„ВМРО-ДПМНЕ нема ниту еден аргумент зошто е против оваа мерка, против ова законско решение за укинување на ДДВ на основните производи, освен дека е против затоа што е поднесена од СДСМ“, рече Тренчевска

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) упати повик до владејачката ВМРО-ДПМНЕ да не води политички инает врз грбот на граѓаните и да го прифати предлог-законското решение за укинување на данокот на додадена вредност за основните прехранбени производи што вчера беше поднесено во Собранието.
„Ја повикуваме ВМРО-ДПМНЕ да не води политички инает врз грбот на граѓаните. Наместо постојано да одбива добри законски решенија предложени од опозицијата да се одважи и да ги поддржи. Нема ниту еден аргумент ВМРО-ДПМНЕ зошто е против оваа мерка, против ова законско решение за укинување на ДДВ на основните производи. Освен дека е против затоа што е поднесена од СДСМ“,
рече пратеничката и ексминистерка за труд и социјална политика Јована Тренчевска на денешната прес-конференција.
Со усвојување на предлог законското решение на СДСМ за укинување на ДДВ на основните производи храна, Тренчевска рече дека граѓаните ќе може да заштедат и до 2 000 денари месечно.
Во законското решение поднесено од СДСМ опфатени се над 250 категории на производи за кои ДДВ ќе се намали од пет на нула проценти.
„Тоа ќе даде реален ефект и вистински ќе ги намали малопродажните цени на прехранбените производи, со што ќе се намали и вредноста на потрошувачката кошница. Учеството на храната и пијалакот во потрошувачката кошничка изнесува 23 000 денари, што значи ефектите од оваа мерка со заштеда и до 2 000 денари ќе влијае на заштита на стандардот на граѓаните и состојбата на семејните буџети“,
додаде Тренчевска.
За ваквото законско решение, Тренчевска рече дека нема да може да биде изиграно од страна на трговците.
„Бенефитите ќе бидат за граѓаните а воопшто нема да ги оптоваруваат компаниите. Оваа мерка нема да може да биде изиграна од трговците како што тоа се случи со мерките на Владата. После еден месец се покажа дека владината мерка за замрзнување на маржите не донесе никаков резултат. Потрошувачката кошничка се намали само за 57 денари во споредба со минатиот месец, во период кога просечната плата се намали за 1 000 денари“,
рече таа.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче вчера во Собранието рече дека поднеле предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност со кои промени се очекува да има реално намалување на трошоците од месечната потрошувачка кошничка.
Филипче од Собранието критикувајќи ги владините политики што беа применувани за основните прехранбени производи ги повика сите пратеници, без разлика на политичката идеологија, да дадат поддршка на законот.
По прес-конференцијата на Филипче, пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски, рече дека владејачкото мнозинство нема да даде поддршка на овој предлог-закон.
Образложението за неподдржување на законот, според Стојановски, е што со тоа „се продолжува дневно-политичкото препукување со економски теми од истите луѓе коишто ја донесоа Македонија во ваква девастирана економска состојба“.
