Министерот за одбрана Владо Мисајловски додаде дека ова не е завршување на помошта и дека таа ќе продолжи и во наредниот период
Министерот за одбрана Владо Мисајловски најави дека Владата денеска ќе одржи затворена седница, на која, како што рече, ќе се одлучува за нов пакет помош што земјава би ѝ го испратила на Украина.
Тој ова го најави во своето обраќање од конференцијата на високо ниво, по повод одбележување на 75-годишнината од формирањето на Алијансата „НАТО – 75 години единство, соработка и колективна одбрана: Безбедносни предизвици за Европа“.
„Денеска ќе имаме затворена седница на Влада, каде што ќе помогнеме со уште еден пакет помош за Украина. Очекувам да помине седницата па потоа ќе ве известиме за сите детали. Секако се тие доверливи, но она што сакам да кажам е дека ќе продолжиме да помагаме, затоа сме пријатели“,
изјави Мисајловски.
Министерот додаде дека ова не е завршување на помошта и дека таа ќе продолжи и во наредниот период.
„Како четврта земја по контрибуција во НАТО мора да продолжиме да помагаме но мора да гледаме да ја модернизираме нашата Армија. Тоа е една од нашите обврски како земја членка во НАТО“,
додаде тој.
За модернизација на македонската Армија, како што рече министерот, ќе бидат издвоени повеќе од 2 отсто од Буџетот за следната година.