Пред два дена, односно на 2 ноември, пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, на прес-конференција упати идентичен повик до Судскиот совет во врска со назначувањето на Антоанета Димовска за член на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ продолжува со реакциите во врска со назначувањето на претседателката на Советот на јавни обвинители, Душица Димитриеска и на членката на Судскиот совет, Антоанета Димовска за членови на Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО), што според партијата е незаконски и со тоа се врши директен упад во Академијата.

Откако пред два дена од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција рекоа дека Судскиот совет наместо да назначи судии за членови на Управниот одбор на Академијата тој одлучил на оваа позиција да постави свој член, денеска од партијата велат дека и Советот на јавни обвинители тргнал по стапките на Судски.
„Наместо за член на Управниот одбор на Академијата да предложи и назначи член од редовите на обвинителите, Советот ја назначил неговата претседателка, Душица Димитриеска. Ова е класичен упад во Академијата за судии и јавни обвинители и флагрантно кршење на законските норми“,
се вели во соопштението од владејачката партија.
Повикувајќи се на членот 44 од Законот за спречување корупција и судир на интереси, оттаму велат дека во него јасно е прецизирано дека избрано или именувано лице не смее да биде член во орган на управување во јавно претпријатие, јавна установа или друго правно лице што располага со државен капитал.
Во случајов, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ, претседателката на Советот на јавни обвинители, е именувано лице и таа не смее да биде во Управниот одбор на Академијата којашто треба да ги произведе идните генерации на судии и јавни обвинители.
И двата случаи, односно назначувањето на Димитриеска и Димовска, според ВМРО-ДПМНЕ, „мирисаат“ на политичка вмешаност од опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија.
„Претседателката на Советот на јавни обвинители, Душица Димитриеска е мајка на Ема Нешкоска која е член на Советот на општина Гостивар и која на последните парламентарни избори во мај беше кандидат за пратеник од редовите на СДС. Со ваквиот начин на работа, вршејќи упади во независни институции кршејќи ги законите, Судскиот совет и Советот на јавни обвинители дополни го уриваат имиџот и довербата на граѓаните во правосудните органи. Да не се чудиме после зошто и таа ниска доверба од граѓаните од само два проценти, може дополнително да се намали“,
се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Затоа, велат од владејачката партија, потреба е итна реакција. Оттаму го повикуваат Советот на јавни обвинители да престане да го крши законот и веднаш да го отповикаат предлогот за назначувањето на Душица Димитриеска за член на Управниот одбор на АСЈО.
Пред два дена, односно на 2 ноември, пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, на прес-конференција упати идентичен повик до Судскиот совет во врска со назначувањето на Антоанета Димовска.
„Важно е да се напомене дека Антоанета Димовска покрај тоа што е именуван функционер е и сестра на пратеничката од СДС Снежана Калевска Ванчева. Законот е јасен. Антоанета Димовска не може да биде член на УО на Академијата за судии и јавни обвинители. Дали нејзината роднинска врска со пратеник од СДС го мотивирала Судскиот совет да ја назначи за член на УО на Академијата, иако не смеел тоа да го направи. СДС треба да кажат која е нивната вмешаност во изборот? Антоанета Димовска треба да си даде оставка од позицијата, а Судскиот совет колективно да ја понесе одговорноста за овој упад во системот“,
рече Лефков.

И премиерот Христијан Мицкоски во четвртокот на собраниската седница за пратенички прашања најавувајќи дека од неделава во координација со министерот за европски прашања, министрите за надворешни и внатрешни работи, правда и сите други засегнати ќе започне консултации за темелни реформи во Судскиот совет, како примери за лошата состојба во правосудството ги наведе случаите со именувањата на Димитриеска и Димовска за членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители.
Инаку, за нивното назначување минатата недела реагираа и од Коалицијата „Сите за правично судење“, од каде посочија дека ваквото постапување на Судскиот и Советот на јавните обвинители претставува сериозен ризик од корупција и судир на интереси.
„За ова правно прашање, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), повикувајќи се на овој член од Законот, во 2022 година има дадено упатство за постапување во кое е наведено дека постои судир на интерес токму во ваквите ситуации кога членовите на Судскиот и Советот на јавните обвинители извршуваат и други јавни функции“,
рекоа од „Сите за правично судење“, преку писмено соопштение.
Спорните одлуки Судскиот и Советот на јавни обвинители ги донесоа на седниците одржани на 24, односно на 29 октомври.
ВМРО-ДПМНЕ уште во предизборната кампања најави распуштање на овие две тела, како дел од реформите кои, според партијата, треба да придонесат за подобрување на состојбите во правосудниот систем во државата.