„Злосторство, а не трагедија“, „Ако ги барате одговорните, погледнете се во огледало“ – беа дел од пораките на граѓаните и активистите на денешниот протест
Во очи на протестот, на плоштадот „Сава“ е уапсен активистот Никола Ристиќ од организацијата „СвиЌе“ (SviCe), која повика на денешниот собир. Подоцна е ослободен
Неколку стотици луѓе денеска се собраа пред зградата на Министерството за градежништво во Белград, а потоа и пред зградата на Владата на Србија, барајќи одговорност од надлежните за несреќата, во која, по пад на натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад, загинаа 14 лица, а тројца сè уште се борат за живот.

Насобраните бараат одговорност од владата и оставка од ресорниот министер Горан Весиќ.
„Злосторство, а не трагедија“, „Оставки“, „Ако ги барате одговорните, погледнете се во огледало“ – беа дел од пораките испишани на транспарентите на граѓаните и активистите на денешниот протест.
„Рацете ви се крвави!“,
извикуваше толпата.

„Каде што можете, оставете им крвави тупаници, за да знаат дека рацете им се крвави. Во секој град во Србија, секаде каде што можете. Од Нови Сад мора да ‘пукне’! Луѓе, доста е! Доста е крв!“,
порача еден од активистите на протестот.

Учесниците на протестот ги обоија дланките со црвена боја и оставија траги на тротоарот пред зградата на Владата, симболично порачувајќи им на властите, како што велат, дека рацете им се крвави.
Протестот започна на плоштадот „Сава“ пред старата железничка станица во Белград со едноминутно молчење за жртвите во Нови Сад и читање на имињата на 14 лица кои загинаа при уривање на натстрешницата.
Во очи на протестот, како што јавува Н1, на плоштадот „Сава“ е уапсен активистот Никола Ристиќ од организацијата „СвиЌе“ (SviCe), која повика на денешниот собир. Информацијата ја потврди неговата соработничка Дарија Стјепиќ.
Бидејќи активистите имале боја со себе, полицијата, која била во цивил, го прашала Ристиќ за што им служи.
„Одговори дека го варосува станот, а тие му рекоа ‘доаѓаш со нас да разговараме за твоето варосување на станот’. Прашав зошто и каде го носат, на што повеќепати ми рекоа да се засолнам. Го зедов телефонот да снимам, ми рекоа дека не можам. Објаснив дека можам, бидејќи стоев на јавен простор. Еден човек ми го зема телефонот и само кога упорно инсистирав да ми го врати, тој го стори тоа“,
рече активистката Дарија Стјепиќ.
Таа продолжила да снима, а тие, како што вели, „многу агресивно го оттурнале Никола оттаму“.
Активистот е ослободен од притвор, по што за медиумите изјави дека тој и полицијата чекаат мислење од Обвинителството дали поттикнувал уривање на уставниот поредок, но оти фокусот не треба да биде на него, туку на причината зошто се собрале на протестот.