Истакнувајќи го полноправното членство во Европската Унија како наша стратешка цел, за кое не гледаме друга алтернатива, претседателката нагласила дека е важно пристапниот процес да биде фер и во негови рамки да се почитува националната гордост и националниот идентитет на македонските граѓани
Извештајот на Европската комисија (ЕК) за напредокот на земјава за 2024 година е објективна слика, потсетник и патоказ за реформските приоритети и областите во кои е неопходен натамошен напредок, оценува претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова.

На средбата со шефот на Делегацијата на Европската Унија во земјава, Михалис Рокас, кој во претседателската резиденција ѝ го предаде Извештајот, Сиљановска-Давкова, како што соопштија од нејзиниот кабинет, истакнала дека македонските институции ќе посветат внимание на препораките и насоките од Извештајот.
Во таа насока, таа додала дека во моментов сите капацитети се фокусираат на доследно спроведување на реформите во клучните области, на економско закрепнување и справување со корупцијата.
Сиљановска-Давкова го поздравила Планот за раст на ЕУ и во тој контекст потенцирала дека од суштинско значење е да се покаже неговата ефективност преку забрзување на реформите, искористување на целосниот потенцијал и максимизирање на придобивките за граѓаните и економијата на земјава.
Тоа, како што рекла претседателката, ќе влијае на ублажување на разочарувањата од долгиот процес на пристапување во Европската Унија што го минува земјава.
„На средбата со амбасадорот Рокас, претседателката изрази очекување дека новиот пристап на постепена, фазна интеграција ќе продолжи паралелно со процесот на пристапување, што ќе придонесе за поголема вклученост на земјата во процесите, политиките и програмите на ЕУ и ќе помогне за зголемување на севкупната подготвеност и поефикасно преземање на обврските од идното членство“,
се вели во соопштениот од нејзиниот кабинет.
Сиљановска-Давкова посочила и на важноста од објективна евалуација на спроведувањето на реформската агенда и забрзување на македонските евроинтеграции врз основа на принципот на заслуги и Копенхашките критериуми.
Истакнувајќи го полнопрвното членство во Европската Унија како наша стратешка цел, за кое не гледаме друга алтернатива, претседателката нагласила дека е важно пристапниот процес да биде фер и во негови рамки да се почитува националната гордост и националниот идентитет на македонските граѓани.

Евроамбасадорот Михалис Рокас денеска им ги предаде копиите од Извештајот за Северна Македонија за 2024 година на претседателката Гордана Силјановска-Давкова, на претседателот на Собранието, Африм Гаши, и на премиерот Христијан Мицкоски.
Копиите од Извештајот, Рокас, како што беше најавено од Делегацијата на ЕУ во земјава, утре ќе ѝ ги предаде и на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми.
Во наредниот период пакетот ќе биде претставен и во Собранието на Северна Македонија, како и пред граѓански организации.
Во Извештајот за напредокот на земјава за 2024 година Европската комисија повикува на усвојување на уставните измени и забрзана имплементација на реформите.
Во однос на уставните измени, во Извештајот се нотира дека и покрај обидите, досега не е постигнат напредок во нивното донесување со цел во Уставот да се вклучат граѓани кои живеат во границите на државата и се дел од другите народи, како Бугарите, како што е наведено во заклучоците на Советот на Европа од 18 јули 2022 година, на кои земјата се обврза да ги преземе.
Се додава дека билатерални договори со соседните земји, како Преспанскиот со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија треба да се спроведуваат со добра волја од сите страни.
Во поглед на правосудството, ЕК изразува загриженост за најавите на актуелната влада за распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, оценувајќи дека таквите дејствија би ја поткопале независноста на судството.
Сериозна загриженост Европската комисија изразува и за широко распространетата корупција и оценува оти земјава не постигнала напредок во превенцијата и борбата против неа.