Премиерот на заедничката прес-конференција со шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава, Михалис Рокас, рече оти знае дека граѓаните се уморни од целиот процес и дека неоправдано сме во чекаланицата, но единствената одржлива и стратешка цел за иднината на сите останува членството во Европската Унија
Евроамбасадорот Рокас во своето обраќање рече дека извештајот на Комисијата доаѓа во добар момент, односно само една недела по усвојувањето на реформската агенда и посетата на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, на земјава
Добивме една реална и објективна слика за целокупната подготвеност на земјата во достигнувањето на европските правила и стандарди, како и за тоа што било направено во текот на изминатата година. Ова е оценката на премиерот Христијан Мицкоски по добивањето на Извештајот на Европската комисија (ЕК) за напредокот на Северна Македонија на патот кон Европската Унија (ЕУ) од шефот на Делегацијата на Унијата во Скопје, Михалис Рокас.

На почетокот на своето обраќање на заедничката прес-конференција со евромабасадорот Рокас попладнево, Мицкоски посочи дека Извештајот се однесува на периодот од септември 2023 до септември 2024 година и дека во него се опфатени три влади – една политичка (на СДСМ и ДУИ н.з.), една техничка влада (100 дена пред изборите) и Владата на чие чело е тој, а која беше избрана на 23 јуни годинава.
Во таа насока, премиерот рече дека мора реално да се пристапи на работите и реално да се разговара за предизвиците кои ни претстојат како држава, додавајќи оти нема да кажува дека направиле чуда во двата месеци од неговата влада кои се опфатени во документот.
„И без овој извештај како прв човек на Владата знам дека граѓаните живеат тешко и дека ни се потребни крупни чекори напред, клучни реформи и она што можеби за мене претставува клучен приоритет, а тоа е борбата против корупцијата“,
кажа Мицкоски.
Сепак, додаде тој, добро е кога ќе се добие и квантификација и една реална слика за состојбите.
„Детектиран е добар или одреден напредок во некои области, но и ограничен или недоволен, односно нема никаков напредок во повеќе други области и теми од Европското законодавство и стандарди“,
рече Мицкоски.
Она што го охрабрува, кажа премиерот, е што во овој кус период на новата влада, Европската комисија ги препознава напорите за борба против корупцијата, нешто што, како што посочи, не било случај во претходниот извештај.
„Како и претходните години, најголемите слабости повторно се детектираат се однесуваат на Кластерот 1 – Темели, односно на деловите поврзани со правосудството, реформа на јавната администрација. Нашите претходници требало и морало да направат повеќе и подобро, но да го оставиме тоа зад нас, мора да ги надминеме политичките препукувања и да се фокусираме на она што треба сите ние заеднички да го направиме. Немаме време за губење“,
рече претседателот на Владата.
Во таа насока Мицкоски рече дека нè очекува уште многу работа, бидејќи реформите и европскиот пат се долгорочен процес и затоа, како што наведе, потребен е ангажман од сите нивоа на власт, од извршната, но и од законодавната и судската, како и од администрацијата, приватниот сектор, граѓанското општество, академската заедница…

Отстапување од реформите нема да има, порача Мицкоски, бидејќи, како што кажа, тоа е единствениот начин за да подобри животот на граѓаните и да се зајакне македонското досие на патот кон членство во Европската Унија.
„Не само заради технократско исполнување на условите, туку заради суштествено помрднување напред и европска трансформација во вистинска смисла на зборот. Тоа е наша обврска за обезбедување подобра сегашност на сите нас и подобра иднина за следните генерации“,
рече Мицкоски.
На крајот тој кажа оти знае дека граѓаните се уморни од целиот процес и дека неоправдано сме во чекаланицата, но единствената одржлива и стратешка цел за иднината на сите останува членството во Европската Унија.
Шефот на Делегацијата на Европската Унија во земјава, Михалис Рокас, во своето обраќање рече дека Извештајот на Комисијата доаѓа во добар момент, односно само една недела по усвојувањето на реформската агенда и посетата на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, на земјава.
„Ова може да биде платформа на која ќе може да работиме заедно во претстојната година. Премиерот имаше точни упатувања дека извештајот покрива период на три влади, дека има ограничен или одреден напредок во некои области, но важно е дека нема уназадување. Ние посветено ќе работиме рака под рака заедно и кога за една година ќе го правиме истото ова, да можеме да кажеме дека има многу поголем напредок“,
порача евроамбасадорот Рокас.

Тој најави дека во петок ќе има заедничка прес-конференција со министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, на која ќе се осврне на детали од извештајот.