На прашањето од новинарите дали има информации за тоа како и кога Израел ќе одговори на ракетните напади од Иран, Бајден одговорил потврдно, но не дал повеќе детали
Американскиот претседател Џо Бајден вели дека постои можност да се работи на прекин на огнот во Либан, но тоа ќе биде потешко да се постигне во Газа, пренесува Би-би-си.
„Мислиме дека постои можност да се работи за прекин на огнот во Либан, а во Газа ќе биде потешко, но се согласуваме дека треба да има исход. Според мое мислење – и моите колеги се согласуваат – постои можност да се постигне договор со Израел и Иран на начин што ќе стави крај на конфликтот на некое време“,
рекол Бајден.
Тој ги дал коментарите за време на неговата еднодневна посета на Берлин, каде што разговараше со германскиот канцелар Олаф Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер.
На прашањето од новинарите дали има информации за тоа како и кога Израел ќе одговори на ракетните напади од Иран, Бајден одговорил потврдно, но не дал повеќе детали.
За потсетување, Иран лансираше речиси 200 балистички ракети кон Израел на 1 октомври. Според израелската војска, повеќето од проектилите биле пресретнати.
Американскиот претседател Џо Бајден престојува во кратка посета на Берлин за да разговара со германските, француските и британските лидери за војната во Украина и за ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток што може да прерасне во отворена војна меѓу Израел и Иран.
Соединетите Држави и Германија се блиски сојузници на Израел, кој станува сè поизолиран поради неговата воена кампања во палестинската енклава Газа.