„Одлуката за уставни измени е суверена одлука на Владата, и е многу важна. Ние имаме огромна почит за тоа како Владата сака да продолжи понатаму и решенијата кои сака да ги постигне, но процесот е сосема јасен“, вели Рокас во интервју за државната новинска агенција кое во целост ќе биде објавено утре
Новиот шеф на Делегацијата на Европската Унија во земјава, Микалис Рокас смета оти тешко дека ќе биде прифатен предлогот на Владата за уставни измени со одложено дејство од страна на Унијата.
Евроамбасадорот во интервју за МИА, кое во целост ќе биде објавено утре, вели дека Унијата е свесна за ваквиот предлог на Владата, но истовремено објаснува дека за ова прашање веќе има став од 27-те земји членки на ЕУ.
„Како што знаете, проширувањето е процес заснован на едногласност, ние сме сите свесни за овој предлог на Владата. Мое скромно мислење е дека тешко дека ќе биде прифатен, како што објаснив претходно има став на ЕУ од 27-те членки во овој поглед. Значи, се разбира, од суштинско значење е да се осигураме дека сме свесни за овој контекст. Одлуката за уставни измени е суверена одлука на Владата, и е многу важна. Ние имаме огромна почит за тоа како Владата сака да продолжи понатаму и решенијата кои сака да ги постигне, но процесот е сосема јасен, и тој може да биде веднаш и може да се одвива многу брзо и она што можам да го повторам е целосната посветеност за пристапување кон ЕУ, што ја вклучува и Северна Македонија“,
вели Рокас.
Во врска со предлогот на унгарскиот премиер, Виктор Орбан кој се понуди да посредува во разговорите меѓу Скопје и Софија за решавање на спорот, шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава вели дека не сака да коментира изјави и ставови на земји членки.
Во меѓувреме, најавеното писмо до европските лидери во кое се очекува премиерот Мицкоски да ги информира за македонските позиции во однос на продолжувањето на процесот на интеграција кон Унијата сè уште се подготвува. Претседателот на Владата одговарајќи на прашања на денешната прес-конференција соопшти дека што ќе има во писмото во голема мера ќе зависи од тоа што ќе го чуе на средбите кои наредните денови ќе ги има во германската престолнина.
„Писмото е во подготовка. Патувам утре во Берлин, има состанок на Берлинскиот процес, ќе разговарам со голем број од европските политичари и сакам пред да го испратам писмото и содржината, да имам уште малку повеќе јасна слика за тоа до каде можеме и што можеме да направиме“,
рече Мицкоски.
Во однос на најавите што проструија во јавноста дека унгарскиот премиер Орбан на 7 ноември во Будимпешта има намера да ги седне на заедничка маса македонскиот премиер и бугарскиот претседател Радев, Мицкоски истакна дека таква информација нема ниту, пак, е закажна таква средба.
Инаку, министерот за европски прашања Орхан Муртезани во неодамнешното интервју за „360 степени“ откри дека на средбите кои заедно со премиерот Христијан Мицкоски ги имаа во Брисел со високи претставници на Европската Унија, меѓу кои и со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, се разговарало за идејата за уставни измени (за внесување на Бугарите) со одложено дејство.
„Беше разговарано за предлогот на нашата влада за носење на уставните измени со одложено дејство, за што, морам да бидам искрен, не дека има некоја голема надеж од страна на институциите во Брисел дека таков предлог би поминал, меѓутоа не се отфрла анблок“,
рече Муртезани во интервјуто.