Претседателот на ССМ смета дека 25 илјади работници кои примаат плата од 22 567 денари е некоректно, односно нечовечки да ја примаат како таква, а како кривично дело од страна на работодавачите го оцени она што 10 илјади работници примаат плата од еден денар до 22 567 денари
Од Организацијата на работодавачи на Македонија велат дека очекувањата од новата влада биле големи, меѓутоа она што се зборува во изминатиот период било само зголемување на платите на јавната администрација и земање кредити за општините, а заобиколување на проблемите со кои се соочува стопанството во делот на продуктивноста и на немањето работна сила

Во првите 100 дена од Владата требаше да седнеме на заедничка маса и да ги разговараме сите важни прашања како растот на платите што требаше да се случи вчера, а денеска веројатно веќе ќе биде доцна. Сметавме дека ќе имаме можност токму во првите 100 дена да ги изнесеме сите прашања, вели претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов.
Трендафилов денеска во изјава за медиумите не даде конкретен одговор што има оставено најголем впечаток во овие 100 дена од новата влада, а не даде ни оцена за работењето.
Тој не сакаше да коментира за тоа што се случило во првите 100 дена сè додека не седнат на седница на Економско-социјалниот совет за да слушнат што ќе направат или што е направено.
„Меѓутоа, од тоа што можам да го кажам е дека утре ќе биде 101. ден од новата влада и повторно нема да биде ништо сменето“,
рече Трендафилов одговарајќи на новинарски прашања пред денешната конференција посветена на социјалниот дијалог што ја организира ССМ заедно со фондацијата „Фридрих Еберт“.
Трендафилов рече дека на 1 мај истакнале неколку барања, а меѓу другото и тоа за раст на платите, односно барањето за раст на минималната плата.
Според него, аргументите се на страната на работниците и смета дека 25 илјади работници кои примаат плата од 22 567 денари е некоректно, односно нечовечки да ја примаат како таква.
„Сметаме дека 10 илјади работници кои примаат плата од еден денар до 22 567 денари е кривично дело да го прават тоа работодавачите“,
рече тој.
Тој вели дека аргументите за зголемување на минималната плата се издржани и поради тоа што за да се обезбеди една синдикална кошничка потребни се три минимални плати, односно дека делот за храна и пијалаци, кој е веќе 23 илјади денари, со една минимална плата не ги покрива ниту трошоците за храна и вода.
„Овие наши аргументи, како и другите со кои располагаме, а кои ќе ги изнесеме на седница на Економско-социјалниот совет ќе бидат првиот чекор да им покажеме со што се соочуваме како претставници на работниците и сметаме дека ако очекуваат да ги разбереме треба прво да не разберат тие нас“,
рече Трендафилов.
Незадоволство од работата на Владата во првите 100 дена во делот на економијата изрази и претседателката на Организацијата на работодавачи на Македонија, Владанка Трајкоска.
Според Трајкоска, очекувањата од новата влада биле големи, но не добиле ништо.
„Имавме многу високи очекувања, а не добивме речиси ништо. Очекувавме дека оваа влада ќе има сенс за бизнисот, за сите оние кризи со кои се соочуваме во работењето, меѓутоа она што се зборува во изминатиот период беше само зголемување на платите на јавната администрација и земање кредити за општините, заобиколување на проблемите со кои се соочува стопанството во делот на продуктивноста и на немањето работна сила. Што значи со еден збор ништо“,
рече Трајкоска.
Немањето средба на Економско-социјалниот совет, Трајкоска смета дека е поради реорганизацијата на Министерството за труд и социјала, односно преминувањето на секторот труд во Министерството за економија.
Таа додаде дека имаат најави за средби меѓутоа без некои конкретни информации и теми за разговор.
Во однос на најавите дека дел од парите од унгарскиот кредит ќе одат за бизнис-секторот, Трајкоска вели дека досега немаат никаква конкретна информација околу тоа.
„Се вели дека ќе биде за некакви инвестиции во работењето. Но, сè додека немаме конкретна информација и додека не ни биде понудено на кој начин ќе се стигнува до тие кредити, дали тие ќе бидат поволни за стопанството, не можеме ништо да говориме“,
рече Трајкоска која додаде дека три клучни приоритети што во моментов му требаат на бизнисот се сите заедно да работат на поголема продуктивност на компаниите, изнаоѓање пазари и поголема инфраструктура.