Откако вчера беше донесена од денеска да се олабават мерките за дел од секторите, Владата денеска ги објави протоколите како треба да работат обложувачниците, трговските центри, автошколите, како да се организираат работни состаноци, седници на управни одбори, тренинзи во поединечните спортови итн.
Според објавените протоколи во обложувачниците, ќе биде задолжително носење заштитна опрема, на шалтер да биде присутен по еден уплатувач, а тој што чека ред да биде на растојание од два метра. Шанковите за послужување пијалаци, пак, нема да работат.
Кога се во прашање индивидуалните спортови, во спортските сали ќе може да се тренира ако има услови за физичко растојание од 5 метри помеѓу спортистите, односно за секој спортист да има простор од 20 квадратни метри, а во една сала ќе може да бидат најмногу 5 лица. Пред секој тренинг ќе мора да се мери температура и оние кај кои е покачена нема да може да тренираат. Пропишано е да се води и строга евиденција на распоредот на тренинзи за да може да се следат контактите, а по завршувањето на тренинзите се забранува туширање во спортските објекти и користење на соблекувалните.
Возилата за автошколите, пак, ќе мора да се дезинфицираат по секој час возење, а кога се полага возачки испит во возилото е дозволено да се возат максимум три лица.
Понатаму, работни состаноци, обуки, курсеви и семинари не смеат да траат подолго од шест часа и задолжителна е пауза на секои два часа. Максимум на еден од овие настани може да учествуваат 30 лица со задолжително растојание од 1,5-2 квадратни метри.
Ограничувањата за бројот на учесници е ист и кога се во прашање седници на управни одбори и конференции.
ПРОТОКОЛ ЗА ТРЕНИНГ НА СПОРТИСТИ ВО ПОЕДИНЕЧНИ СПОРТОВИ
1. Организацијата на тренинзите е дозволена единствено во спортски објекти кои можат да ги задоволат техничките и сигурносни услови со можност за физичко растојание од 5 м помеѓу секој спортист, односно да е обезбеден простор од 20 м2 по спортист со организација на тренингот за најмногу 5 лица вклучително и еден тренер со минимален број на технички лица (најмногу две лица)
2. Во спортскиот објект да се обезбедат сите санитарно-хигиенски услови
3. Да се воспостави евиденција за тренингот со податоци за спортистите, тренерот, асистентот и други лица потребни за тренингот заради лесно следење на контактите
4. Тренинзите се организираат по претходно направен распоред за време на тренинзи со список на спортисти и тренери
5. Пред почеток на тренингот се прави термален скрининг и се забранува тренинг на лице со покачена температура и истото се отстранува
6. Во случај на потреба на здравствен работник на тренингот при близок контакт со здравственото лице мора се користат заштитни маски, ракавици и визир од страна на здравствениот работник
7. Спортистите и тренерите доаѓаат на тренинг поединечно со свое возило и опрема и во опрема за тренинг со што се избегнува користење на соблекувалните
8. Во текот на тренингот се препорачува растојание од 5м помеѓу секој спортист и тренер како минимално растојание
9. Тренингот да се врши на отворен простор
10. По завршување на тренингот опремата за тренинг и реквизити се дезинфицираат со средство кое е 70% на база на алкохол
11. Тренинзите во контактните спортови се препорачува секогаш да се одвиваат по принцип „ист спортист со ист тренер“
12. Секој спортист мора да има сопствено со име обележано шише со напвки
13. По завршување на тренингот спортистите и тренерот заминуваат дома поединечно без туширање и без влегување во соблекувалните почитувајќи ги мерките за физичко растојание, еден по еден
ПРОТОКОЛ ЗА ОТВОРАЊЕ И РАБОТА НА УПЛАТНО-ИСПЛАТНИ МЕСТА НА ПРИРЕДУВАЧИТЕ НА ИГРИ НА СРЕЌА ВО ОБЛОЖУВАЧНИЦА
1. Користење на заштитна опрема, маски и ракавици од страна на сите вработени на уплатно-исплатните места.
2. Одржување на физичко растојание од 2 метри помеѓу присутните играчи во просторијата.
3. Влез со маски за сите играчи
4. На масите поставени на уплатно-исплатните места има само по две столчиња
5. На шалтер присутен по еден играч со растојание од 2 метра со играчот кој следен чека за уплата
6. Средства за дезинфекција поставени на влезовите од обложувачниците и на пултовите за уплата
7. Шанковите во рамките на уплатните места се без можност за послужување на пијалаци
8. Задолжително редовно вршење дезинфекција на маси и столови и остаток од инвентар со дезинфекциско средство кое дејствува на вируси според упатство од производителот
9. На крајот на смената задолжително механичко чистење и дезинфекција со средство што дејствува на вируси според упатство од производителот, алтернативно може да се користи 0,05% натриум хипохлорит (5% белило за домаќинство кое се користи во размер 1:100) или 70% алкохол за дезинфекција на горни површини
10. Редовно одржување на тоалетите со задолжително водење на евиденција за спроведеното чистење и употреба на горенаведените дезинфекциски средства
ПРОТОКОЛ ЗА ОРГАНИЗАЦИЈА НА РАБОТНИ СОСТАНОЦИ, ОБУКИ, КУРСЕВИ И СЕМИНАРИ
1. Времетраењето се ограничува на најмногу 6 часа, со задолжителна пауза на секои 2 часа;
2. Пред почеток на средбата, учесниците задолжително да се известат дека доколку имаат респираторни симптоми (температура, кашлица, отежнато дишење) им се препорачува да не присуствуваат;
3. Се ограничува бројот на учесници согласно просторот со цел да се обезбеди задолжително физичко растојание на учесниците од 1,5 – 2 мм, но не повеќе од 30 лица;
4. Организаторите, предавачите и учесниците задолжително да носат заштитни маски;
5. Во просторијата задолжително да се обезбеди средство за дезинфекција на рацете;
6. Да се почитуваат општите мерки за повисоко ниво на лична и општа хигиена (зачестено миење на раце или употреба на дезинфекциско средство за раце на база на алкохол);
7. Просторијата почесто да се проветрува, по можност за време на часовите и задолжително во текот на паузите;
8. За време на паузите се забранува групирање на присутните;
9. По завршување на настанот, просторијата да се исчисти и да се дезинфицира подот со средство што дејствува на вируси според упатство од производителот, алтернативно може да се користи 0,05% натриум хипохлорит (5% белило за домаќинство кое се користи во размер 1:100) или 70% алкохол за дезинфекција за горни површини.
10. Во просторијата да се обезбеди корпа за отпадоци со капак.
ПРОТОКОЛ ЗА ОДРЖУВАЊЕ НА СЕДНИЦИ НА ОРГАНИ НА УПРАВУВАЊЕ И КОНФЕРЕНЦИИ
1. Ограничен број на учесници до максимум 30 лица согласно просторот со цел да се обезбеди физичко растојание на учесниците од 1,5-2м
2. Учесниците задолжително да носат заштитни маски
3. Во просторијата задолжително да се обезбеди средство за дезинфекција на рацете
4. Да се почитуваат општите мерки за повисоко ниво на лична и општа хигиена (зачестено миење на раце или употреба на дезинфекциско средство за раце на база на алкохол)
5. Просторијата почесто да се проветрува, пожелно за време на часовите и задолжително во текот на паузите
6. За време на паузите да се забрани групирање на присутните
7. По завршување на настанот просторијата да се исчисти и да се дезинфицира подот со средство што дејствува на вируси според упатство од производителот, алтернативно може да се користи 0,05% натриум хипохлорит (5% белило за домаќинство кое се користи во размер 1:100) или 70% алкохол за дезинфекција на горни површини
8. Во просторијата да се обезбеди корпа за отпадоци со капак
ПРОТОКОЛ ЗА РАБОТА НА ШКОЛИТЕ ЗА ОБУКА НА ВОЗАЧИ
1. Задолжително користење на заштитна маска од страна на кандидатот и инструкторот при обука на терен со возило
2. Пое секоја обука на поединечен кандидат, задолжителна е дезинфекција на внатрешноста на возилото
3. Организирање на теоретска настава во училница со почитување на мерките за физичко растојание помеѓу клупите од 1.5м-2.0м и задолжително носење на заштитни маски од слушателите и предавачот
4. Поставени средства за дезинфекција пред влез во училницата и редовна дезинфекција и одржување на хигиената и проветрување по секое одржано предавање
5. Три лица е максималниот број лица во возилото при спроведување на полагањата на кандидатот со носење на задолжителна заштитна маска на сите лица во возилото
