Мејлови и лозинки од вработени лица во министерствата за финансии и економија вчера се споделуваа по социјалните мрежи. Од Владата велат дека тие електронски адреси и лозинки се стари седум години.
„Се работи за листа од неколку адреси и лозинки од поранешен систем за службени е-маил адреси на министерствата за финансии и економија. Дел од е-маил адресите не се во функција повеќе години бидејќи нивните корисници не работат веќе во министерствата, а лозинките на сите објавени е-маил адреси се стари и се променети пред повеќе од 7 години и во тие сандачиња не може да се пристапи преку објавените лозинки“,
велат од Владата.
Системите за службена електронска пошта и во двете министерства се обновени а се поставени протоколи со сложени шифри за службените имејл-адреси, како и други протоколи за сајбер-безбедност на системите со кои се намалува ризикот и веројатноста системот да биде компромитиран.
„Во моментов немаме докази дека системите за електронска пошта на министерствата се хакирани во скоро време, ги испитуваме сите детали поврзани со овој случај. Владата на РСМ константно работи на обнова и зајакнување на ИТ-системите во институциите и ја изработи првата Национална стратегија и акциски план за сајбер-безбедност“,
велат од Владата.
