Прашан за коментар за изјавата на предлагачот на овој закон, пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, која ја повика власта да постапи исто како и со законот за унгарскиот заем, Мицкоски рече дека пратеничката сè уште не ги разбира пратеничките процедури и дека тој како личност не функционира на закани
Бидејќи тоа го бара Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), еве го повикувам спикерот на Собранието Африм Гаши да ја свика Комисијата за социјална политика, демографија и млади за законот на бранители. Ова денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски на прашањето кога предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили и на членовите на нивните семејства по скратена постапка може да се најде пред матичната комисија, посочувајќи дека тоа не зависи од него.
„Дали и кога ќе дојде законот за бранителите пред комисијата не знам. Тоа не зависи од мене. Јас сум сепак претседател на Владата. Но, кога ќе дојде, тој ќе ја има нашата поддршка“,
рече премиерот.
Прашан за коментар за изјавата на предлагачот на овој закон, пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, која ја повика власта да постапи исто како и со законот за унгарскиот заем, Мицкоски рече дека пратеничката сè уште не ги разбира пратеничките процедури и дека тој како личност не функционира на закани.
Претходно, коментирајќи ја вчерашната изјава на пратеникот Халил Снопче дека доколку се изгласа законот за бранителите, коалицијата „Вреди“ ќе ја напушти Владата, премиерот кусо порача „Нека му е со среќа“.
Пред десетина дена Мицкоски изјави дека бранителите ја имале, ја имаат и ќе ја имаат неговата поддршка, но дека целта на измените на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили е повторно создавање етнички тензии и нетрпеливост.
„Овој закон којшто вчера беше на дневен ред е поднесен од пратеничката Славјанка Петровска, односно од СДСМ и она што е интересно, кога се гласаше потребата за носење на дневниот ред СДСМ ја напушти седницата. Зошто ова го споменувам? Затоа што самата пратеничка и СДСМ не го поднесуваат законот затоа што им мислат добро на бранителите, туку го поднесуваат за да создадат еве една ваква состојба којашто вие ја поставувате сега во вашето прашање, за да создадат повторно етнички тензии, за да создадат етничка нетрпеливост итн., бидејќи таа ќе е картата на којашто и тие и другите опозициски партии, без разлика дали се од македонскиот или од албанскиот блок, ќе играат во периодот којшто следи“,
рече тогаш Мицкоски.
Законот за бранителите изминатиот период предизвика многубројни реакции меѓу политичките партии и во јавноста.
Првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити коментирајќи го законот за бранители предложен од пратеничката од опозициската СДСМ и ексминистерка за одбрана Славјанка Петровска пред два дена од Њујорк порача дека законот за бранителите е провокација и нема да се донесе, како и дека овој закон е заглавен во фиоките на Собранието.
„Сметам дека и СДСМ и ДУИ имаа доволно време да донесат таков закон за осум години. И на тој начин ДУИ да го реши прашањето со припадниците во изминатите 20 години. Славјанка Петровска, која беше министер за одбрана и бранеше граѓански концепт, сега е иницијатор на закон за бранителите“,
рече тој.
Инаку, откако претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, Илире Даути, од Алијанса за Албанците, која е дел од коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ, минатата недела одби да закаже седница на ова собраниско тело за предлог-законот за бранителите, тоа не го стори ниту претседателот на Собранието, Африм Гаши, како што налага Деловникот за работа на законодавниот дом.
Петровска денеска на прес-конференција рече дека пратениците на СДСМ ќе бараат Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања да расправа дали претседателот на законодавниот дом, Африм Гаши го прекршил Деловникот за работа на Собранието со незакажувањето на Комисијата за социјална политика, демографија и млади за Предлог-измените на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили и членовите на нивните семејства.
Како чекор назад го оцени вчерашниот повик од ВМРО-ДПМНЕ пратениците од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) кои се членови на Комисијата за социјална политика, демографија и млади да се потпишат на барањето до претседателката на ова тело, Илире Даути да свика седница и Предлог-измените на Законот за бранителите да го стави на дневен ред.