Изминатиот период предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили и на членовите на нивните семејства по скратена постапка, како и употребата на „балансерот“, како алатка за вработување во јавната администрација предизвикаа многубројни реакции во јавноста
Пратеникот Снопче од редовите на „Вреди“ во емисија на ТВ 21 вчеравечер изјави дека коалицијата ќе ја напушти Владата доколку се укине Законот за употреба на јазиците, но и ако се изгласа законот за бранителите. А лидерот на опозициската Демократска Унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, најави протести ако се укине „балансерот“
Нека му е со среќа. Ова е денешниот коментар на премиерот Христијан Мицкоски за изјавата на пратеникот Халил Снопче дадена вчера во телевизиско гостување дека доколку се изгласа законот за бранителите коалицијата „Вреди“ ќе ја напушти Владата.
Премиерот од скопски Ѓорче Петров ,одговарајќи на новинарско прашање како планира да го реши случајот после изјавата на пратеникот Снопче, само кусо одговори:
„Нека му е со среќа“.
Пратеникот Снопче од редовите на „Вреди“ во емисија на ТВ 21 вчеравечер изјави дека коалицијата ќе ја напушти Владата доколку се укине Законот за употреба на јазиците, но и ако се изгласа законот за бранителите.
„Поради руското влијание, ако влезат во такви авантури, ние ќе го решиме проблемот навремено. Тогаш за ‘Вреди‘ нема место во Владата“,
рече тој.
Речиси идентичен одговор Мицкоски даде и на прашањето на вчерашната изјава на лидерот на опозициската Демократска Унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, дадена за ТВ 24 каде што најави протести ако се укине „балансерот“.
„И на него имам да му порачам добро здравје и нека му е со среќа“,
рече премиерот.
За потсетување, изминатиот период предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили и на членовите на нивните семејства по скратена постапка, како и употребата на „балансерот“, како алатка за вработување во јавната администрација, предизвика многубројни реакции во јавноста.
Законот за бранителите е во собраниска процедура, заглавен во Комисијата за социјална политика, демографија и млади.
Откако претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, Илире Даути, од Алијанса за Албанците, која е дел од коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ, минатата недела одби да закаже седница на ова собраниско тело за предлог-законот за бранителите, тоа не го стори ниту претседателот на Собранието Африм Гаши, како што налага Деловникот за работа на законодавниот дом.
Првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити вчера од Њујорк рече дека Законот за бранителите е провокација и нема да се донесе. Посочи дека СДСМ и ДУИ имале доволно време да донесат таков закон за осум години.
Уставниот суд пред неколку дена на седница расправаше дали со наведувањето на припадноста на заедницата, што е потребно за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно место, односно дали со „балансерот“ се нарушува начелото на стручност и компетентност и се повредува и уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување.
За „балансерот“, пак, Меџити рече дека во Владата има усогласеност за закон за правична застапеност, само треба да се најде начин да има евиденција на етничката припадност во администрацијата без да се коси со приватноста на информациите.
За ДУИ, одлуката на Уставниот суд да отпочне постапка за оцена на уставноста за одредбите што се однесуваат на припадност на заедницата во контекст на вработување во јавниот сектор, односно укинување на алатката „балансер“ е само почеток на уништувањето на меѓуетничките односи изградени со голема тешкотија.