„Сметам дека и СДСМ и ДУИ имаа доволно време да донесат таков закон за осум години. И на тој начин ДУИ да го реши прашањето со припадниците во изминатите 20 години. Славјанка Петровска, која беше министер за одбрана и бранеше граѓански концепт, сега е иницијатор на закон за бранителите“, рече првиот вицепремиер и министер за животна средина
Законот за бранителите е провокација и нема да се донесе. Ова денеска во изјава за медиумите дадена во Њујорк го рече првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити, пренесува МИА, коментирајќи го законот за бранители предложен од пратеничката од опозициската СДСМ и ексминистерка за одбрана Славјанка Петровска.
„Сметам дека и СДСМ и ДУИ имаа доволно време да донесат таков закон за осум години. И на тој начин ДУИ да го реши прашањето со припадниците во изминатите 20 години. Славјанка Петровска, која беше министер за одбрана и бранеше граѓански концепт, сега е иницијатор на закон за бранителите“,
рече тој.
Според него, овој закон е заглавен во фиоките на Собранието и нема да се донесе.
„Тие не мислат ниту на бранителите ниту на УЧК, туку мислат на себеси, потребна им е магла за да се спасат“,
вели Меџити.
Како што рече, слична провокација како оваа со законот за бранителите ја смета и иницијативата за враќање на споменикот на Ќосето на кружниот тек кај трговскиот центар „Ист гејт“.
Во интервју, пак, за Радио Слободна Европа (РСЕ) објавено денеска, одговарајќи на новинарско прашање за законот на бранителите, рече дека станува збор за дневна политика која оди во функција на дестабилизација на државата.
„Ние имаме конечен став дека не е добро за процесите и за државата и не е во приоритетите да се донесе таков закон. Тој сега е заглавен во комисија која се води од Илире Даути и очекуваме дека таму и ќе остане“,
рече тој.
Инаку, откако претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, Илире Даути, од Алијанса за Албанците, која е дел од коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ, минатата недела одби да закаже седница на ова собраниско тело за предлог-законот за бранителите, тоа не го стори ниту претседателот на Собранието, Африм Гаши, како што налага Деловникот за работа на законодавниот дом.
За министерот за здравство Арбен Таравари, кој како и Гаши доаѓа од коалицијата „Вреди“, која е дел од власта, предлог-измените на Законот за бранителите не е тема за која во моментот треба да се разговара.
СДСМ, чија пратеничка Славјанка Петровска го поднесе предлогот за измени на Законот за бранителите и кој ја доби поддршката од 65 пратеници да оди по скратена постапка, го повика претседателот да ја закаже седницата на матичната комисија, како што тоа го стори со Комисијата за финансирање и буџет за Законот за задолжувањето од унгарска банка.