Го поминавме врвот на епидемијата, ама треба да научиме да живееме со ковид-19 додека не се најде вакцина, вели вицепремиерката и заменик-претседателка на СДСМ
Министерката за одбрана и заменик-претседателка на СДСМ, Радмила Шекеринска, изјави денеска во Куманово дека не треба да се дозволи државата да функционира со половични институции во очекување на вториот бран на епидемијата со ковид-19.
Одговарајќи на прашање за очекувањата од исходот од лидерската средба во однос на одржувањето на изборите, Шекеринска рече дека граѓаните очекуваат да се решаваат прашањата што се отворени.
„Целата јавност очекува работите што се битни да се решаваат. Откако добро се справивме со најкритичната етапа од кризата, подигнато е нивото на доверба во институциите на државата, а пред сѐ во здравствениот систем кој претходно беше често критикуван. Сега целиот свет живее во променети околности. Го поминавме врвот на епидемијата, ама треба да научиме да живееме со ковид-19, додека не се најде вакцина или посоодветна терапија. Сега, сите земји се подготвуваат за можниот нов бран на епидемијата, така што нашата држава не смее да дозволи и натаму да функционира со половични институции, “
рече Шекеринска.
Еден од аргументите со кои ќе настапи лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на лидерската средба која почнува во 13 часот е дека институциите треба да добијат полн легитимитет и да функционираат со цел капацитет пред можната нова криза со ковид-19 наесен. Како што посочи Заев, Северна Македонија два месеца е во вонредна состојба, речиси пет месеци е со техничка влада, а парламентот е распуштен пред три месеци.
