Заокружувајќи го своето обраќање со познатиот цитат на американскиот претседател Џон Кенеди: „Не прашувај што сторила твојата татковина за тебе, туку прашај се што си сторил ти за твојата татковина“, Гаши рече дека празнувањето на Денот на независноста е и повод како граѓани и како политичари да направиме ретроспектива на она што сме го сториле, што сме можеле да го сториме и што можеме да го сториме
Не постои поважен момент во историјата на една земја од нејзината самостојност, истакна претседателот на Собранието Африм Гаши на свечениот прием што денеска попладне го организира по повод одбележувањето на 8 Септември – Денот на независноста.

Говорејќи пред актуелниот државен врв, актуелните пратеници, членови на првиот собраниски состав, претставници на дипломатскиот кор и други гости во Кристалната сала на законодавниот дом, Гаши рече дека има огромна чест и особено задоволство што токму во домот на сите граѓани одбележуваме еден ваков важен датум за нашата земја.
Честитајќи ја на почетокот од име на пратениците и во негово лично име 33-годишнината од независноста, претседателот на Собранието рече дека секогаш кога доаѓа 8 Септември се враќа емоцијата на задоволство и гордост што роденденот на оваа земја го одбележуваме во мир, во соживот меѓу различните народи кои живеат во оваа земја, во добрососедски односи и на сигурни патишта кон подобар развој на евроатлантска перспектива.
Јас сум свесен, посочи Гаши во својот говор, дека изградбата на оваа заедничка држава не била лесна работа и секогаш подеднакво прифатен.
„Сме имале периоди кога некој однос имал поинаква перцепција и различни очекувања можеби, сме имале моменти кога некој од нас мислел дека заслужува повеќе, а добил помалку, сме имале моменти кога сме биле можеби и разочарани и сме рекле дека не вреди, но сепак сме нашле сила, сме нашле решенија и сме создавале можности да продолжиме понатаму“,
рече претседателот на Собранието.

Говорејќи во таа насока, тој истакна дека денес кога се одбележува оваа годишнина од нашата државност, може да тврди дека пред нас се отвора нова развојна перспектива која, како што кажа, доаѓа со новата генерација политичари и оти е силно убеден дека тоа ќе резултира со многустран успех.
„Впрочем за да не бидеме неблагодарни морам да кажам дека секој има своја заслуга и секој има свој придонес за овие достигнувања и не треба да бидеме ниту нихилисти, ниту дефетисти. Како и да е, Северна Македонија на својот 33-ти роденден е земја членка на најмоќната безбедносна алијанса каква што е НАТО, со што се гарантира мирот на нејзините граници, што е исклучително важно за секој проект, додека е на добар пат да се приклучи и на најуспешната унија на демократија, мир, човекови права и благосостојба, како што е Европската Унија“,
рече собранискиот спикер.

Заокружувајќи го своето обраќање со цитат на позната максима на американскиот претседател Џон Кенеди: „Не прашувај што сторила твојата татковина за тебе, туку прашај се што си сторил ти за твојата татковина“, Гаши рече дека празнувањето на Денот на независноста е и повод како граѓани и како политичари да направиме ретроспектива на она што сме го сториле, што сме можеле да го сториме и што можеме да го сториме.
„Честит 8 Септември, самостојна и суверена Република Северна Македонија“,
истакна на крајот претседателот на Собранието.
