Објаснувајќи ја новината, министерката рече дека учениците нема цел ден да бидат над книга, туку идејата е да се спроведе нешто што функционира во високоразвиените земји
Реформата е што е можно повеќе учениците да бидат во училиштата за да стекнуваат на различни начини што повеќе знаење, а наставниците да станат функционални во однос на знаењето, компетенциите и вештините на учениците. Вака денеска, одговарајќи на новинарско прашање министерката за образование и наука Весна Јаневска во еден дел ја објасни новината за воведување на едносменска настава каде што учениците и наставниците од шесто до деветто одделение ќе остануваат најмалку шест часа на училиште.

Она што во моментов се случува, рече министерката, е дека по закон наставниците треба да остануваат шест часа во училиштата. Но, тие и учениците ќе остануваат подолго затоа што тоа е суштината на реформата.
„Ова е цела една стратегија. Општо е познато дека ние во земјата имаме вишок на наставници, а сè помалку деца. Но, не велиме дека тие се вишок, нам ни требаат наставниците за да го подигнат квалитетот на знаењето. Ние сме последни на сите меѓународни тестирања и домашните тестирања покажуваат дека нашите ученици доцнат многу во однос на нивните врсници во Европа каде што ние се стремиме“,
рече Јаневска.
Објаснувајќи ја новината, министерката рече дека учениците нема цел ден да бидат над книга, туку идејата е да се спроведе нешто што функционира во високоразвиените земји и учениците да добиваат повеќе знаење.
„Учениците и да ги ислушаат лекциите, екс катедра лекции веќе никаде во светот нема, интерактивно да го совладаат материјалот, ако имаат домашна во вид на истражување, проектна задача да го завршат тоа, да имаат многу спорт, да имаат многу информатика, да имаат претприемништво, да имаат физичко, значи се она што им е потребно за реално да влезат во животот за којшто се подготвуваат, но и да научат критичко мислење, она што им недостасува на нашите деца, да научат решавање на проблеми, мирно решавање на проблеми, препознавање на проблеми од типот булинг, препознавање и прифаќање на различности“,
изјави Јаневска одговарајќи на новинарско прашање по потпишувањето на партнерство меѓу групацијата НЕЛТ и УНИЦЕФ за унапредување на стручното образование преку практична настава за зелени вештини.
Сето тоа, како што додаде министерката, досегашниот образовен систем не го овозможил и затоа сметаат дека е потребно наставниците повеќе да се ангажираат. Според неа, и на децата нема да им биде тежок дополнителниот престој во училиште затоа што ќе имаат, како што рече, и паузи, разговори, слободно време и време за одмор.
„Значи, не е ништо страшно, таму каде што има услови почнуваме со оваа реформа, таму каде што нема услови, каде што и децата и наставниците се во две смени не ни очекуваме тоа да се спроведува, но полека ја почнуваме затоа што очекуваме подобрување на квалитетот на знаењето на децата“,
рече Јаневска.
Образовни асистенти ќе има од вторник
Претходно, одговарајќи на прашање во врска со недостигот на образовни асистенти, министерката проблемот го лоцираше во училиштата и најави дека од вторник асистенти ќе има.

„Жалам што морам да кажам, но проблем со асистентите нема, има проблем со училиштата. Пет дена се работи она што Министерството го работи во еден ден. Само им порачувам на родителите дека асистенти ќе има, воопшто да не се грижат, тоа што сум го ветила и ќе го исполнам. Очекувам дека асистенти ќе има во вторник, но добро е ова сознание за да знаеме дека треба да посветиме многу внимание и на петте ресурсни центри кои треба да ја завршат оваа работа, но и да ги доедуцираме иако тоа требало да биде завршено, и менаџертите и директорите на училиштата, но и тимовите кои треба да ја преземат оваа активност“,
изјави министерката.
Таа рече дека од следната година очекуваат вакво нешто да не се повтори бидејќи го имаат искуството од оваа година.
На почетокот на учебната година во училиштата во земјава беа ангажирани 815 асистенти, додека за 200 асистенти тече постапката за нивно ангажирање. Образовните асистенти треба да им помагаат на учениците со посебни потребни полесно да ја следат наставата и да го совладуваат наставниот материјал.