Косовското Министерство за внатрешни работи (МВР) во текот на минатата недела од слобода се лишени лицата Бесим Красничи и Фадил Точи кои се барани по потерница издадена од страна на македонското МВР за извршени тешки кривични дела, информира денеска министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на својот фејсбук профил.
Акцијата за приведување на двете лица, како што нагласува, е реализиранa во непосредна соработка и комуникација помеѓу Интерпол во Приштина и полициските службеници од Министерството за внатрешни работи во нашата земја.
„Согласно информациите со кои располагам понатамошната постапка за екстрадиција ја координира Министерството за правда“, вели Чулев.
Двајцата се од скопското село Кондово.
Според потерницата на сајтот на МВР се бараа за низа кривични дела.
Во потерницата на Красничи се наведени дела како кражба, разбојништво, предизвикување општа опасност, тероризам, насилство.

Во таа за Точи, пак, се тероризам, насилство, напад врз службено лице, недозволено држење и тргување со оружје, предизвикување општа опасност, тешки дела против општата сигурност, кражба.

