Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ денеска ја коментираше изјавата на претседателот на европските социјалисти Сергеј Станишев, според кого „најдобро за Бугарија е СДСМ и Заев да се на власт“ и го обвини Заев за политика на попустливост
Потпретседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, смета дека најновата изјава на претседателот на европските социјалисти Сергеј Станишев дека најдобро за Бугарија е СДСМ и Заев да се на власт и дека Бугарија е национално заинтересирана за победа на Зоран Заев и социјалдемократите на претстојните избори, е доказ дека со оваа власт не се надминуваат пречките, туку летвичката постојано се зголемува со нови барања и услови со што напредокот кон ЕУ зависи од дополнителни услови од источниот сосед.
„Всушност она што Станишев сака да ни го каже е дека Зоран Заев е посакуван поради неговото виткање на кичмата и прочуена лукративност. Тука уште повеќе се засилуваат сомнежите дека поради оваа политика на попустливост кон Бугарија стои и некаков друг директен интерес или можеби уцена кон Зоран Заев. Интерес или уцена заради кои што е спремен да го предаде македонскиот јазик“,
рече Николоски.
Тој, исто така, има забелешка што по многубројните изјави на највисоки државни претставници од Бугарија кон, како што вели, „директно негирање на македонскиот јазик, македонскиот народ и македонската држава“, нема реакција од македонските институции.
„Сериозна држава веќе ќе реагираше по официјални канали со испраќање на протестна нота за негирањето на македонскиот јазик, македонската култура и историја. Таа протестна нота треба да биде проследена со аргументирани и научно базирани факти кои што се на наша страна и истите научно поддржани факти треба да се испратат до сите министри за надворешни работи, како и шефови на држави и влади на земји членки на ЕУ како и на највисоките претставници на ЕУ“,
вели Николоски.
Тој како вистински скандал го оцени тоа што што Димитров и Спасовски „досега немаат ниту една официјална реакција, ниту допис или демант кон негаторските ставови на Бугарија и бугарската држава“, што според него значи две работи: „Или се согласуваат со она што е изјавено или има некоја друга заднина“.
Тој најави дека прашањето ќе биде покренато на утрешната лидерска средба.
„За вака едно комплексно прашање потребен е државен консензус. Не може да дозволиме за вака сензитивно прашање да не се презема ништо и владата и Заев да молчи за овој проблем. Затоа уште еднаш повикуваме ова прашање по однос на условувањето од Бугарија, како и кочењето на европските интеграцијата на Македонија сериозно да биде разгледано на утрешната лидерска средба. Повикуваме да се изгради заеднички и усогласена позиција по однос на евроинтеграцијата на Македонија и условувањата кои што Бугарија ги поставува на Македонија, а исто така да се постигне заеднички договор за почеток на изработка на заедничко усогласена национална стратегија за државна безбедност, како и за надворешна политика кои што ќе бидат основа на дејствувањето на секој министер за надворешни работи, одбрана, внатрешни работи и на двете безбедносни агенции“,
рече Николоски.
