Од опозициската партија посочуваат дека наспроти бомбастичните најави за рационалност и намалување на позициите власта штанца директорски позиции само заради задоволување на партиските апетити и бараат ВМРО-ДПМНЕ да го повлече, како што велат, катастрофалниот Закон во Собранието
Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ветуваа намалување на заменичките места, на двојните директори, а во Царина сакаат да воведат уште еден, втор заменик-директор. Ова е денешната реакција на Социјалдемократскиот сојуз за поставувањето на двајца заменик-директори во Царинската управа.
„Ете такви законски измени предлагаат ДПМНЕ и ЗНАМ во Собранието. Малку им се министри, заменици, директори, раководители, па си измислуваат позиции заменик на заменик-директор. Досега вакво нешто е невидено, ниту чуено, Царина да има директор, заменик-директор и уште еден, втор заменик-директор. Кого ќе менува вториот заменик во Царина? Директорот, заменик-директорот или самиот себе“,
велат од СДСМ.
Од опозициската партија посочуваат дека наспроти бомбастичните најави за рационалност и намалување на позициите власта штанца директорски позиции само заради задоволување на партиските апетити и бараат ВМРО-ДПМНЕ да го повлече, како што велат, катастрофалниот Закон во Собранието.
„Нема пари за работниците, ама има пари за нови измислени позиции. Очигледно гладни се коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ, па освен за ‘Вреди’, треба да има заменик и на ЗНАМ“,
велат од опозицијата.
Кон крајот на јуни, на директорското место на Царинската управа е поставен Бобан Николовски, кој доаѓа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, додека на позицијата заменик-директор е Гарип Каба од редовите на „Вреди“.
Со новото предложено законско решение кое веќе се наоѓа во Собранието, ќе се именува втор заменик-директор во Царинската управа, со цел подобро вршење на работите во институцијата. Предлагачи на оваа измена се Бобан Карапејовски од партијата ЗНАМ, Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Белимова од ЗНАМ, Жаклина Пешевска од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Цеков од ЗНАМ, Павле Арсоски од ЗНАМ и Тони Јаревски од ВМРО-ДПМНЕ.