Демократската унија за интеграција (ДУИ) доставила до Владата сет мерки за економско закрепнување од кризата предизвикана од ковид-19. Оттаму сметаат дека мерките ќе обезбедат создавање работни места, како и одржување социјална и здравствена безбедност.
ДУИ информира дека на денешниот состанок го потврдиле ставот да нема намалување на платите во јавната администрација, а зголемувањето на потрошувачката да се поттикне со директна финансиска помош до граѓаните.
„Нашата главна порака е дека зголемувањето на јавната и приватната потрошувачка ќе го поттикне економскиот раст. За таа цел, потребно е во овој момент да се забрза реализацијата на сите капитални инвестиции планирани за 2020 година. Предлогот за наредниот период е во фокусот да се стави на реализацијата на сите градежни проекти: во изградбата на училиштата, градинките, спортските сали, патна инфраструктура, интензивирање на градбата на гасната мрежа, инвестиции во водоводна и канализациска мрежа, но и енергетска ефикасност на објектите“,
информираат од партијата.
Тие констатирале дека првиот и вториот пакет социо-економска помош на Владата позитивно влијаеле на зачувувањето на работните места и одржувањето на ликвидноста на локалните компании.
„Сметаме дека сега е време Владата да излезе со трет пакет за социо-економско закрепнување, со фокус на стимулирањето на приватната потрошувачка преку таргетирање на граѓаните, ранливите социјални категории, деловните активности и особено микро, малите и средните претпријатија. За да се стимулира домашната економија, предлагаме мерки за зголемување на локалното производство, што би се реализирале со поттикнување на граѓаните да купуваат локални производи, но и преку финансиска поддршка за зголемување на земјоделското производство“,
велат од ДУИ.
Тие ги разгледале и изворите за финансирање на третиот пакет социо-економски мерки, вклучително и реалоцирањето на буџетските средства и заеми од меѓународни финансиски институции, како и издавањето на државни записи и еврообврзници по потреба.
„Ова се само дел од мерките. Како што ДУИ предложи за првиот и за вториот пакет предлог мерки, така и за третиот социо-економски пакет, мерките ќе бидат доставен до Влада, со што се цели кон поддршка на домашната економија и поддршка на граѓаните за надминување на предизвиците во овој период“,
велат од партијата.
