Во предизборен период се објавуваат огласи за привремени вработувања, наместо рационализација и домаќинско работење на институциите во време на пандемија, вели дополнителната заменик-министерка за информатичко општество и администрација, Невенка Стаменковска-Стојковски.
„Се ужаснав кога на 7 мај на страната на Агенција за администрација видов повторно два јавни огласи коишто се објавени за вкупно 31 ново вработување, од кои само за Агенцијата за храна и ветеринарство со потреба од 29 нови вработувања, и тоа, по работни места во: Пехчево, Виница, Демир Хисар, Македонски Брод, Македонска Каменица, а замислете куриозитетот е уште поголем, што во овие општини воопшто нема или не постојат технички и просторни услови за да се изврши каква било работа, а се сомневаме и дека воопшто има потреба за извршување и потреба од инспектори во овие општини“,
рече Стаменковска-Стојковски во денешната изјава за медиумите.
Таа се прашува како Владата нема пари за вработените во администрацијата коишто се на неопределено, со долгогодишно искуство и се столб на секоја институција, а има пари за над 20 000 вработени на определено време.
„На владината седница на 31 март е Информацијата за намалување на непродуктивни расходи поради справување со здравствено-економската криза предизвикана од вирусот ковид-19. Усвоена е со заклучоци на коишто се вели, меѓу првиот заклучок, односно еден најбитен штом е ставен прв, дека во јавниот сектор времено се забрануваат нови вработувања, нови ангажирања преку агенција за привремени вработувања и нови договори на дело, освен за ангажирање на соодветен кадар во здравствениот сектор и во други сектори што се во насока на справување на последиците од коронавирусот“,
додава Стаменковска-Стојковски.
Според неа, самата Влада носи уредби со законска сила и самата неосновано и незаконски ги деградира заклучоците коишто се донесени.
„Затоа уште еднаш велам и повикувам да се запрат овие нови договори преку агенции со привремени вработувања и да се престане со објавување на нови работни места, освен во секторите коишто се со медицински кадар, каде што навистина е и потребно да има дополнителен кадар за да може да се справиме успешно со оваа ситуација“,
вели таа.
