Во текот на денешниот ден се очекува да пристигне и останатата помош од странство, односно еден хеликоптер од Словенија, два „ертрактори“ од Шведска, исто толку од Германија и тим од Унгарија со 46 лица со 13 возила
Вкупно 20 пожари на отворено имало во текот на денешниот ден на територијата на целата држава, од кои 12 се и понатаму активни, информира во пладневната снимена видеоизјава директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
Од останатите осум пожари, пет се целосно изгаснати, а три се ставени под контрола.

Ангелов во изјавата даде и вкупен биланс на пожари со кои државата се соочи во текот на минатиот месец, кога огнени стихии зафатија големи делови од територијата на земјата.
„Карактеристично е тоа што во текот на месец јули на територијата на државата имавме вкупно 765 пожари на отворено од коишто добар дел беа и шумски пожари“,
вели директорот на ЦУК.
Денеска летала на домашните институции, но и на странски држави кои испратија свои воздухоплови како помош дејствувале на неколку локации, каде според направените проценки било најнеопходно.
„Во текот на денешниот имавме на располагање неколку домашни летала, еден ‘ертрактор’ на Дирекцијата за заштита и спасување, како и два армиски хеликоптери и два полициски хеликоптери и еден српски хеликоптер. До крајот на днешениот ден ќе пристигне и останатата меѓународна помош обезбедена преку механизмот на Европската Унија за цивилна заштита. Со леталата дејствуваме онаму каде што беше најнеопходно, притоа на прво место давајќи приоритет на заштита на животите на луѓето, веднаш потоа на населените места и третиот критериум зимзелена најчесто борова шума“,
рече Ангелов.
Како што соопшти тој, хеликоптер на Министерството за внатрешни работи (МВР) заедно со српскиот хеликоптер го гаснеле пожарот на територијата на општина Старо Нагоричане, кај селата Малотино и Рамно.
Овој пожар, вели Англелов, е на многу тешко пристапен терен, кој на поголем дел, како што додава, е и целосно непристапен.
„Еден хеликоптер на МВР ‘ми-171’, односно големиот полициски хеликоптер со големо ведро делуваше на теренот на општина Кратово, кај селото Татомир, додека двата армиски хеликоптери дејстуваа на територијата на општина Пробиштип, кај селото Барбарево. Чешкиот хеликоптер, којшто треба да полета во секој момент, ќе биде упатен да дејствува на територијата помеѓу Пробиштип и Свети Николе, додека ‘ертракторот’ ќе го пренасочиме да дејствува на линијата помеѓу Свети Николе – Пробиштип – Кратово – Куманово, каде што по еден гребен имаме една долга пожарна линија“,
вели директорот на ЦУК.
Во гаснењето на пожарите денеска биле ангажирани 160 припадници на Армијата на Република Северна, но истовремено, како што додаде Ангелов, во гаснењето на сите пожари работат голем број локални пожарникари, кои ја имаат и помошта од територијалните противпожарни едници од соседните општини.
„На терен веќе е видливо присуството и на претставници, односно вработени во ЈП ‘Национални шуми’, кои даваат голем придонес во гаснењето на пожарите, припадници на Дирекцијата за заштита и спасување, а на многу места помага и локалното население. На неколку места исклучително се корисни Доброволните противпожарни друштва коишто имаат и соодветна опрема и соодветна обука“,
вели Ангелов.
Тој оцени дека земјата се соочува со едни од најтешките пожари на отворено од своето осамостојување бидејќи, како што додава, ваков обем и динамика на пожари досега никогаш сме немале.
Во текот на денешниот ден, изјави Ангелов, се очекува да пристигне и останатата помош од странство.
„Во овој момент имаме еден пристигнат хеликоптер од Србија, како и еден хеликоптер од Чешка. До крајот на денот ќе пристигне еден хеликоптер од Словенија, два ‘ертрактори’ од Шведска, два ‘ертрактори’ од Германија и тим од Унгарија со 46 лица со 13 возила, меѓу кои има три специјални теренски возила и уште три би ги нарекол специјални противпожарни возила налик на цистерни кои можат да се движат по тешко пристапни терени“,
рече директорот на ЦУК.
Тој упати и апел до сите граѓани во текот на утрешниот празничен ден да бидат исклучително внимателни, особено доколку се движат во природа, да не предизвикаат пожар кој би можел да биде и од катастрофални размери.