Двајцата пратеници кои се дел од делегатите на годишниот самит на Интепарламентарната алијанса за Кина (ИПАК) во Тајван, пред заминувањето во Тајпеј, добиле телефонски повици и пораки од Амбасадата на Народна Република Кина во Скопје во врска со нивните планови да одат на настанот
Пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев, во објава на Фејсбук вели дека присуството на Милошоски во Тајван директно ги нарушува односите со Народна Република Кина и додава дека за оваа авантура ќе следува интерпелација во парламентот
Дипломатски претставници на Народна Република Кина, преку телефонски повици и електронска пошта, се обиделе да премислат пратеници од парламентите на пет држави, меѓу кои и од Северна Македонија, да не учествуваат на годишниот самит на Интерпарламентарната алијанса за Кина (ИПАК), што утре се одржува во Тајпеј, Тајван, објави новинската агенција Асошиејтед прес (АП).

Според ИПАК, која се повикува на пишувањето на АП, ваквите потези на Кина преку нивните амбасади во земјите членки на Алијансата се јасен обид за да се заплашат и одвратат поканетите пратеници да патуваат на настанот во Тајпеј.
Осум пратеници од најмалку пет земји пријавиле дека примиле електронска пошта и/или телефонски повици од дипломатски претставници на НР Кина пред нивното заминување за Тајван.
Некои од пратениците рекле дека биле контактирани и од нивните партиски раководства за да се изврши дополнителен притисок, а еден пратеник бил специјално поканет да патува во Народна Република Кина наместо да оди на самитот во Тајпеј.
Претставници од Северна Македонија на годишниот самит на ИПАК се пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и потпретседател на Собранието, Антонијо Милошоски, и неговиот колега од СДСМ, Фатмир Битиќи.
Какви пораки добиле Милошоски и Битиќи и од кого
И двајцата добиле повици од Амбасадата на Народна Република Кина во земјава пред нивното заминување за Тајпеј, но тоа не ги спречило да одат на самитот.
Дека пратеникот Милошоски добил повици од кинеската амбасада во земјава објави агенцијата Асошиејтед прес која, како што пишува, имала увид во порака испратена до пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Јас сум Ву, од кинеската амбасада. Слушнавме дека добивте покана од ИПАК, дали ќе присуствувате на Конференцијата што ќе се одржи следната недела во Тајван“,
гласела пораката испратена до Милошоски.
Извор на „360 степени“, неофицијално, вели дека до пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ биле испратени неколку пораки од Амбасадата на Народна Република Кина, со тон кој наликувал на мешање во неговата одлука како демократски избран пратеник на кои меѓународни политички настани ќе учествува.
Милошоски во преписка со „360 степени“ не сакаше да ги коментира ваквите наводи до завршување на настанот во Тајпеј.
Во меѓувреме, преку објава на социјалните мрежи, тој објави дека веќе се наоѓа во Тајпеј, каде што го искористил самитот за средба со членот на на германскиот Бундестаг и известител за земјите од Западниот Балкан во пратеничката група на Зелените. Со Борис Мијатовиќ, вели пратеникот, имале корисен разговор за билатералните односи и за евроинтеграциите на регионот.
Неговиот колега од СДСМ, Фатмир Битиќи, официјално за „360 степени“ потврди дека добил телефонски повик од кинеската амбасада – и директно и преку партијата.
„Добив телефонски повик, и директно и преку партијата, со прашања зошто и како? Секако, сметам дека ова е директно мешање во независноста и правото на секој народен избраник да работи на промоција на основните човекови права како и демократски вредности“,
ни рече Битиќи.

Заканувачки тон
За разлика од дел од случаите во кои пратениците, како што опишале, добиле нејасни прашања за нивните планови да патуваат во Тајван, во други случаи, како што наведува Асошиејтед прес, контактот бил со позаканувачки тон.
Една пратеничка за агенцијата изјавила дека кинеските дипломати му испратиле порака на шефот на партијата барајќи од него да ја спречи да оди на настанот.
Станува збор за пратеничката во парламентот на Босна и Херцеговина, Санела Клариќ.
„Тие стапија во контакт со претседателот на мојата политичка партија и бараа од него да ме спречи да патувам за Тајван. Тие се обидуваат, во мојата земја, да ме спречат да патувам. Ова навистина не е во ред“,
изјавила Клариќ за АП.
Тоа, како што вели, ја потсетило на заканите и заплашувањата со кои се соочила додека страдала низ војните во Босна во 1990-тите години на минатиот век. Клариќ додала дека притисокот бил непријатен, но само ја зголемил нејзината решеност да оди на патувањето. „Навистина се борам против земји или општества каде што алатка за манипулирање и контрола на луѓето е стравот. Навистина го мразам чувството кога некој те плаши“, изјавила пратеничката од Босна и Херцеговина.
Инаку, како што пишува АП, Кина рутински се заканува со одмазда против политичарите и земјите кои покажуваат поддршка за Тајван, која има само неформални односи со повеќето земји поради кинескиот дипломатски притисок.
Имено, Пекинг не ја признава Тајван како независна држава и го смета островот за дел од својата територија. Ова политика на „една Кина” официјално ја следи и Северна Македонија.
Директорот на ИПАК, Лук де Пулфорд, во изјава за АП го нарекол притисокот врз пратениците „грубо странско мешање“. Според него, се чини дека цел биле пратеници од помали земји, веројатно затоа што Пекинг „чувствувал дека може да се извлече со тоа“, но оти тактиката на принуда само ги направила учесниците порешителни да дојдат на самитот.
„Како би се чувствувале претставниците на НР Кина ако се обидеме да им кажеме за нивните планови за патување, каде можат и каде не можат да одат? Апсолутно е срамота што мислат дека можат да се мешаат во плановите за патување на странските законодавци“,
рекол Де Пулфорд за АП.

Реакции на притисоците од Кина
Притисокот врз пратениците за состанокот на ИПАК предизвика дополнителни бурни реакции.
Сенаторката од Боливија, Чента Рек, рече дека поднела протестно писмо откако ѝ се јавил кинески дипломат и ѝ рекол да не оди на Тајван велејќи дека островот е управуван од „претседател измамник“ и дека домаќин на состанокот била организација „неприфатена во рамките на условите на политиката на континентална Кина“. Кога Рек го одбила барањето, дипломатот ѝ рекол дека ќе ја пријави нејзината одлука во неговата амбасада, што Рек го толкува како „прикриена закана“.
И Миријам Лексман, словачка пратеничка во Европскиот парламент, на чиј партиски шеф му се обратиле кинески дипломати, потенцира дека притисокот ја нагласил нејзината причина за доаѓањето во Тајван.
Според директорот на ИПАК, притисокот од страна на официјални кинески лица во последните неколку години бил без преседан. За време на претходните средби на ИПАК, одржани во други места, кинески дипломати се обраќале кон пратеници по завршувањето на средбите. Но, оваа година, кога првпат средбата се одржува во Тајван, имало координиран обид да се спречи учесниците да присуствуваат.
ИПАК изрази жалење и го осуди обидот на НР Кина да се меша во нејзиниот годишен самит и преку објава на официјалната веб-страница на организацијата.
„Акциите на НР Кина околу Самитот на ИПАК се уште еден пример за нивните дрски напори да ги намалат демократските привилегии на другите нации и да ги негираат правата на Тајван да се вклучи во легитимна дипломатска размена. Бидејќи овие интеракции не се во согласност со нормалните дипломатски односи меѓу суверените нации, членките на ИПАК го задржуваат правото да поднесуваат формални претставки и жалби до нивните соодветни министерства за надворешни работи“,
се вели во реакцијата на организацијата.
Поради ваквите потези на заплашување на кинеските власти преку нивните дипломатски претставништва, ИПАК одлучи да ја објави најавата за нејзиното најголемо проширување досега поздравувајќи ги шесте нови земји во Алијансата: Колумбија, Ирак, Малави, Соломонските Острови, Гамбија и Уругвај.
На годинашниот четврти по ред самит на ИПАК, кој првпат се одржува во Тајван, ќе учествуваат 48 пратеници од 24 земји од пет континенти.
Апасиев со најава за интерпелација за Милошоски
Пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев, во објава на Фејсбук вели дека присуството на Милошоски директно ги нарушува односите со Народна Република Кина и додава дека за оваа авантура ќе следува интерпелација во парламентот.
„Овој вмровски дипломат ја продолжува десничарската традиција на ‘лутење’ на Кина, која после авантурата на Циле и Љубчо на крајот на 1990-тите, како држава не донесе до ГРАЃАНСКА ВОЈНА после повлекувањето на силите на Обединетите нации од косовската граница (војната со албанските терористи од 2001 е директна последица на мајтапењето со Кина). Дали овие ВМРОИДИ се свесни што прават!? Дали знаат дека ‘рчкањето со две од петте постојани земји членки на Советот за безбедност на ООН може да не чини губење на државата во новите геополитички релации. О, вие БЕДНИ ДЕСНИЧАРИ, опаметете се пред да е предоцна! p.s. За оваа негова авантура ќе следува и интерпелација во парламентот!“,
пишува Апасиев во објавата на Фејсбук.