И понатаму активен е пожарот кај селата Тажево и Брезница, во Општина Македонски Брод, кој е крак од пожарот кон Јавното претпријатие „Јасен“ каде што гори борова шума
Вчера на територијата на државата имало вкупно 24 пожари на отворено, од кои, како информираа утрово од Центарот за управување со кризи (ЦУК), пет сè уште се активни, три се ставени под контрола, а 16 противпожарните екипи успеале да ги изгаснат.

Од активните пожари, надлежните и понатаму се борат со огнените стихии во месноста Убого, кај селото Бикирлија во Општина Градско и кај Јаношевом, на територијата на Општина Негтино, каде што гори ниска вегетација.
И понатаму активен е пожарот кај селата Тажево и Брезница, во Општина Македонски Брод, кој е крак од пожарот кон Јавното претпријатие „Јасен“ каде што гори борова шума.
Надлежните дополнително се ангажирање на пожарите кај селото Главовица, во Општина Кочани, кај селата Долгаец и Маргари во Општина Долнени, а активен е и пожарот на Илинска Планина помеѓу селата Слоешница, Брежани и Плаќе, на територијата на Општина Демир Хисар.
На овој пожар, според информациите од ЦУК, интервенирале четири пожарникари од Територијалната противпожарна единица, 16 од Јавното претпријатие „Национални шуми“, а во гаснењето се вклучиле и пет лица од локалното население кои гаснеле запалена ниска вегетација.
Од трите пожари што се ставени под контрола еден е на територијата на Општина Старо Нагоричане, кај селото Ругинце, каде што од оган била зафатена ниска и мешана шума, додека останатите два се во Општина Штип, кај селото Цршка и во Општина Македонски Брод каде што гори ниска вегетација, односно мешана шума.
Дополнително, од ЦУК информираат и за бројот на повици на единствениот повикувачки број за итни случаи – 112 во последното деноноќие кој изнесувал вкупно 2 376 јавувања. Од нив „реални“ биле 62,33 отсто, а 37,67 отсто биле за други потреби на граѓаните кои не биле итни.
Од реалните повици, кон полиција, според ЦУК, биле упатени 64,33 отсто од повиците, кон Итната медицинска помош 20,81 отсто, кон пожарникарите 11,46 отсто, а кон АМСМ 0,21 отсто.
Според ЦУК, имало и 910 повици за итни случаи на 112, кои се вкупен збир од тие што биле за комбинирано решавање од „реалните“ повици (3,18 отсто) и на тие што се именувани како „неитни повици“ (37,67 отсто).
„Сите тие повици за итни случаи биле предмет на примање, на обработка и директно координирање за нивно решавање со институции и служби во Системот за управување со кризи (СУК)“,
се наведува во информацијата од Центарот за управување со кризи.