Лидерите на коалицијата најавија дека прво ќе се обезбеди општинско финансирање на здружението „Албанска академија на науките и уметностите“ како привремено решение, а ќе бараат академијата да ја финансира државата од буџетот
Лидерите на коалицијата „Вреди“ денеска од Тетово најавија дека ќе се обезбеди општинско финансирање на здружението „Албанска академија на науките и уметностите“.
Општинското финансирање, како што велат од „Вреди“, треба да биде привремено решение, а ќе бараат академијата да ја финансира државата од буџетот.
„Ова е еден чекор за да покажеме дека Албанците како важен дел на оваа држава можат да придонесат и во науката, можат да придонесат и во уметноста и во сите области на ова општество, затоа што цениме дека како втор по големина народ во државата имаме интелектуални капацитети за да основаме академија која ќе придонесе во сите овие области за кои ќе биде основана“,
изјави Билал Касами, претседател на Движењето Беса, а во име на коалицијата „Вреди“.
Зеќир Кадриу, секретар на здружението „Албанска академија на науките и уметностите“ рече дека ова е нивна втора средба со коалицијата „Вреди“, која донела конкретни решенија.
„Горди сме што има втор чекор. По основањето на Владата веќе почнува да се реализира тоа што е предвидено, што е ставено во програмата“,
рече Кадриу.
Според него, на почетокот сите општини што сакаат може да помогнат за финансирање на оваа академија, а понатаму, кога ќе се донесе закон, ќе може да се продолжи во унапредување на академијата.
„Мислам дека Албанците во Република Северна Македонија го заслужуваат тоа“,
додаде Кадриу.
По состанокот на лидерите на „Вреди“ со претставници на здружението дел од нив со објави на Фејсбук го искажаа своето задоволство.
Министерот за здравство Арбен Таравари вели дека основањето и особено формализацијата на Албанската академија на науките и уметностите е една од најдобрите иницијативи на „Вреди“.
„Денес се собравме во Тетово за ова, а јас се чувствувам особено горд. Како еден од најстарите, ако не и најстар народ на Балканот и во нашата ДНК има интелигенција и цивилизација на една античка култура“,
напиша Таравари.
Покрај Таравари, на Фејсбук денеска со објава за општинско финансирање на здружението „Албанска академија на науките и уметностите“ излезе и Билал Касами кој напиша дека целта е да се создаде средина каде науката и уметноста ќе можат да напредуваат независно и професионално.
„Силно веруваме дека „Албанска академија на науките и уметностите“ ќе послужи како референтна точка за сите оние кои се стремат да напредуваат во овие полиња и да помогнат во изградбата на посветла иднина“,
пишува Касами.
Здружението бара да добие јавен простор и јавни финансии за научно – истражувачка работа во сферата на албанологијата, културата и посебностите на Албанците.