Брзо ќе дојдат локалните избори кога повторно ќе им текне дека без Албанците нема победа во Куманово, ѝ порачаа од коалицијата „Вреди“ на партијата ЗНАМ на Максим Димитриевски

Коалицијата „Вреди“, која е составена од повеќе партии на Албанците, а истовремено е дел од владиниот состав заедно со ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, денеска остро реагира на потегот на министер од редовите на партијата на Максим Димитриевски.
Станува збор за одлуката на министерот за јавна администрација Горан Минчев да ги врати на доработка годишните планови за вработување на институциите од јавниот сектор, на кои им порача да го почитуваат новиот начин на пресметка на Балансерот.
Од 120 годишни планови за вработување, ресорниот министер дури 115 врати на доработка, поради, како што рече на денешната прес-конференција, погрешно впишан процент на етничка задница т.е. неусогласеност со новиот начин на пресметка на Балансерот. Минчев денеска потсети дека, според новата пресметка, предвид се зема само бројот на резидентното население, а не и на нерезидентното население од пописот во 2021.
Поради ова, од „Вреди“ обвинуваат дека кадрите на ЗНАМ имаат погрешна проценка дека ќе го создаваат својот политички идентитет на „анти-албанска доктрина“.
„Брзо ќе дојдат локалните избори каде повторно ќе им текне дека без Албанците нема победа во Куманово. Очекувавме дека министерот Минчев ќе ги поништи сите огласи според Балансерот во кои Македонци се определуваа како Албанци за да се вработат во јавната администрација. Токму тоа е злоупотреба на Балансерот кое неговото Министерство не смее да го премолчува. Истовремено, порационално е Димитриевски и Минчев да направат список на државни институции во кои сè уште нема пристап за Албанците. Намалувањето на процентите на Албанците е предизборен фолклор и аргумент плус зошто е неопходно да се укине Балансерот и да се донесе Закон за правична застапеност. Со таков пристап ќе се елиминира некои политичари како Димитриевски и Минчев да одлучуваат колку и какви Албанци ќе се вработуваат во јавната администрација!“,
се вели во реакцијата на „Вреди“.
Во август 2022 година, тогашниот министер Адмирим Алити направи измени на процентите во алатката Балансер за вработување во јавните институции, каде што беше земен предвид бројот на вкупно попишаното население од пописот минатата година, а не само резидентното. По ова реагираше директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, кој истакна дека единствена валидна категорија е резидентно население и тоа е согласно сите стандарди на Обединетите нации.
Реформата на ВМРО-ДПМНЕ
Со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски најави дека се менуваат бројките во Балансерот да одговараат на пописните резултати исклучиво на резидентното население од пописот во 2021 година.
„Од денеска бројките во рамки на дигиталната алатка Балансер се променети да одговараат на пописните резултати исклучиво на резидентното население од пописот во 2021 година. Што значи дека лицата попишани во држави како Швајцарија, Германија, Италија нема да бидат дел од дигиталната алатка Балансер за вработување во Република Македонија“,
изјави тој на 28 јуни.
Андоновски кажа дека укинувањето на Балансерот ќе оди во фази, но дека за оваа проблематика ќе биде потребна сеопфатна дискусија во рамките на Владата, односно, како што рече, да се види кои се начините да не се повреди темелниот принцип на Уставот, како соодветна и правична застапеност на заедниците.
Што зборуваше предизборно Мицкоски?
Балансерот е една од точките во предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ за парламентарните избори кои се одржаа во мај годинава. Презентирајќи ја „Платформата 1198“, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пред присутните зборуваше и за укинување на Балансерот.
„Она што можеби најмногу ги интересира граѓаните на Македонија, а тоа е Балансерот. Oва е услов, исто така, кој сака да биде во коалиција со идниот убедлив победник на парламентарните избори, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата која ќе ја предводи, ќе мора да седне и да преговара и да се сложи за укинување на Балансерот, затоа што цениме дека е неправичен, дека фаворизира, дискриминира, и ако навистина сите ние се стремиме кон ценење на квалитетот на индивидуата или мерит-системот, тогаш не гледам пречка зошто политичките партии консензуално не се сложат за укинување на Балансерот и на тој начин секој граѓанин да може рамноправно да конкурира во секоја институција или да биде во истата таа институција унапреден. Не затоа што е опфатен со Балансерот којшто е навредлив, туку затоа што вреди, има капацитет и тоа го заслужува. Цениме дека сите политички партии на кои во центарот им е индивидуата и мерит-системот, оваа реформа треба и мора да ја поддржат и ова ќе биде услов на секоја политичка партија која ќе сака да коалицира со ВМРО-ДПМНЕ после парламентарните избори“,
кажа тогаш Мицкоски.

На почетокот на месецов, пак, првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити, изјави дека има заеднички заклучок оти Балансерот не е во функција за тоа што бил воведен. Тој кажа дека со одлука ќе се унапреди во Закон за правична застапеност и запазување на квалитетот при вработување.
Прашан дали во Владата имаат заеднички став околу Балансерот и дали се согласуваат со одлуката за намалување на процентот, Меџити повтори оти ќе се водат разговори, но дека начелно има договор тој да се унапреди во законско решение.
„За другото ќе аргументираме“,
рече Меџити.
Но, по денешната реакција на коалицијата „Вреди“ се чини дека не сите коалициски партнери се на иста страна. Балансерот стана причината за првата владина кавга на јавна сцена.