Оваа одлука доаѓа неколку недели откако Унгарија го презеде претседавањето со ЕУ, така што Будимпешта требаше да биде домаќин на министрите, но Брисел е лут на премиерот Виктор Орбан поради средбите на своја рака со Владимир Путин и со Ѓинпинг

Шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел, ѝ го одзеде правото на Унгарија да го организира следниот состанок на министрите за надворешни работи и за одбрана на земјите членки на Унијата, поради ставот кон војната во Украина.
Оваа одлука доаѓа неколку недели откако Унгарија го презеде претседавањето со ЕУ, така што Будимпешта требаше да биде домаќин на министрите, но Брисел е лут на премиерот Виктор Орбан поради средбите на своја рака во Москва со Владимир Путин и во Пекинг со Ѓинпинг.
Според Борел, таквите постапки на Унгарија треба да сносат последици.
Според Унгарија, пак, ваквата постапка на Борел е „комплетно детска“.
Состаноците на министрите според агендата треба да се одвиваат од 28 до 30 август. Наместо во Будимпешта, сега состанокот ќе биде во Брисел.
„Можам да кажам дека сите земји членки, со исклучок на една, се критични кон ваквото однесување. Сметам дека е соодветно ова чувство да го изразиме така што состанокот ќе го преместиме во Брисел“,
изјави Борел.
Унгарија ја ужива поддршката за своите постапки само од Словачка.
Коментирајќи ја одлуката на Борел, пак, унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, на Фејсбук напиша:
„Каков фантастичен одговор смислија. Не сакам никому да ги повредам чувствата, ама се чувствувам како да сме во градинка“.
Инаку, секои шест месеци се организираат состаноци на министрите за надворешни и министрите за одбрана во земјата претседавач. Но Унгарија ја плати својата постапка без консултација со европските лидери, за средбите со Путин кои самиот Орбан ги нарече „мировна мисија“.