Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев во Соборниот храм „Свети Никола“ во Куманово присуствуваше на панихида за осумтте загинати припадници на полицијата кои учествуваа во вооружената престрелка во „Диво Насеље“. Панихидата ја организира група бранители од Куманово.

„Најпрво како министер за внатрешни работи и како граѓанин изразувам искрено сочувство до семејствата и најблиските на загинатите припадници кои на денешен ден пред пет години ги положија своите животи во одбрана на уставниот поредок, мирот и сигурноста на сите граѓани. Нашето општество сите негови чинители мора и се должни да извлечат силна поука од настанот во Диво Насеље: слободата, животот и безбедноста се најскапоцени вредности што сите заедно мораме да ги чуваме и негуваме. На тоа не обрврзува жртвата на нашите колеги дадена во името на иднината на сите македонски граѓани. И таа жртва не смее и нема да биде заборавена. Нека им е вечна славата!“,
напиша Чулев на својот Фејсбук профил.
Во престрелките животот го загубија Жарко Кузмановски, Ненад Серафимовски, Сашо Самојловски, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Исамедин Османи, Љубиша Аранѓеловиќ, Горан Стојменовиќ кои посмртно беа одликувани со „Медал за храброст“, а 37 припадници на безбедносните сили беа повредени.

„На овој начин се обидуваме нашите браќа бранители да не паднат во заборав, народот да ги запомни нивните жртви, да знаат зошто загинаа, да им кажуваат на нивните деца и внуци дека за Македонија секогаш има спремни јунаци кои ќе го дадат најмилото-животот“,
изјави Предраг Петрушевски-Бинго, еден од организаторите на панихидата.
