Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА) уште од почетокот на појавата на здравствената криза во нашата земја и во светот, се однесуваше конструктивно и во сите свои официјални соопштенија постојано апелираше до верниот народ за почитување и придржување кон препораките што водат кон сузбивање на пандемијата предизвикана од ковид 19, се вели во соопштението на Канцеларијата на САС на МПЦ-ОА, откако институциите покренаа постапка за одговорност за вчерашната литија во Струга.
Синодот на МПЦ-ОА истакнува дека во сиот изминат период, значаен од духовен аспект за православните христијани и за црковното живеење, вклучително и последните празнувања, верниот воцрковен народ, иако чувствувајќи ја насушната потреба од духовна храна, особено во вакви времиња, сепак остана послушен на апелите, сметајќи ги како акт на христијанска пожртвуваност и љубов.
„Во овој дух, МПЦ-ОА, уште еднаш истакнува дека ги почитува и се придржува, а во таа насока и го повикува верниот народ кон исполнување на официјалните мерки на Владата и здравствените власти за социјална дистанца и носење соодветни заштитни средства“,
се вели во соопштението на Канцеларијата на САС на МПЦ-ОА.
Владата на денешната седница го задолжи Министерството за внатрешни работи веднаш да го испита случајот со одржувањето на вчерашната литија во Струга, да утврди одговорност и да се преземат соодветни мерки кон одговорните лица и за истото да ја информира Владата.
Од МВР велат дека струшката полиција и тамошното ОЈО преземаат мерки за идентификација на евентуалните организатори за кои ќе следуваат пријави.
