Според ревизијата на усогласеност на Основиот буџет која ја спроведе Државниот завод за ревизија, вкупните расходи во 2023 година биле за 29,76% повисоки споредени со претходната 2022 година. Отприлика за толку пораснале и приходите, но во голема мера поради поголемо домашно и задолжување од странство
Додека задолжувањето продолжува да расте и во апсолутни бројки и како процент од БДП, ДЗР забележува дека голем број на кредити и грантови за капитални инвестиции стојат неискористени, а за нив се плаќаат трошоци во форма на провизии. Позитивно е, барем, што од година во година се зголемуваат средствата што се трошат на капитални инвестиции
Стара вест е дека ланскиот Буџет беше рекорден и изнесуваше околу 4,25 милијарди евра, како и дека беше за 33,4% поголем во споредба со Основниот буџет за 2022. Новото е што Државниот завод за ревизија го заврши и објави својот конечен извештај за неговата усогласеност.

Оценката е дека постапката за донесување на Буџетот се води согласно законската регулатива, како и планирањето и остварувањето на приходите, но со мали исклучоци.
Секоја петта институција нема стратешки план
Основа за подготвување на државниот Буџет се стратешките приоритети, фискалната стратегија и стратешките планови на буџетските корисници. На кратко, врз основа на планот на Владата, како и утврдените максимални износи на одобрени средства, институциите подготвуваат предлог-буџет до Министерството за финансии кое потоа одлучува дали и колку од побараните пари ќе одобри.

Ревизорите на ДЗР провериле околу 26% од овие барања. Утврдиле дека во 20% од случаите институциите не доставиле и стратешки планови, согласно член 15-а од Законот за буџетите. Па, наместо нив, тоа го правело Министерството за финансии (МФ).
„Со донесувањето на буџетските барања без стратешки планови, буџетските корисници се соочуваат со ризик, донесениот буџет од страна на МФ да не е во сооднос со нивните реални потреби за реализација на поставените цели“,
пишува во Извештајот на ДЗР.
Друг проблем во одобрувањето на буџетите на институциите, пишуваат ревизорите, е што Министерството за финансии не ги следи утврдените максимални износи на расходи.
„Иако овластениот државен ревизор во континуитет известува дека одобрените буџети на буџетските корисници отстапуваат од планираните максимални исходи на расходи, утврдивме дека и во 2023 година состојбата продолжува така што кај една третина од буџетските корисници одобрениот буџет е поголем, а кај останатите износот е помал или е на ниво на утврдените максимални расходи“,
пишува во извештајот на ДЗР.
Џабалак судство и обвинителство
Некои од институциите кои не добиваат ниту приближно од парите што им следуваат или ги бараат се Судската власт и Јавното обвинителство. Судскиот буџет, според закон, треба да изнесува 0,8% од БДП или за лани околу 104 милиони евра. Но, судството лани било скромно и побарало околу половина од таа сума за да функционира нормално – 57,5 милиони евра. Во Владата и тоа им било многу па им одобриле само 43,7 милиони евра.
Така е со години, независно кој е на власт.

Слично е и за Јавното обвинителство. Ним, по закон, им следуваат 0,4% од Буџетот. Ама лани, како и претходните години, добиле само една половина од тоа.
Им следувале 24,5 милиони евра, но сепак барале пониски 18,4 милиони евра, за на крај МФ да им одобри само 12 милиони евра.

И дефицит спротивно на закон
Буџетскиот дефицит е појава која се случува кога трошењата (расходите) се поголеми од приливите (приходите).
Ревизорите забележуваат дека од 1 јануари 2023 година на сила е член 10 од Законот за буџети. Во него се утврдени фискални правила за дефицитот и вкупниот долг на општата власт. Со фискалните правила, утврдено е дека дефицитот на општата власт за соодветната година не смее да надмине ниво од 3% од номиналниот БДП.
Па, сепак, дефицитот во Буџетот во 2023-та изнесува 4,8% и е повисок од претходната 2022 кога изнесувал 4,4% од БДП. Дополнитено, според фискалната стратегија 2022-2024, дефицитот во 2023 година требал да изнесува 3,5% од БДП.

Ревизорите донекаде наоѓаат оправдување во продолжените последици врз економијата кои ги остави ковид-19 кризата.
Повеќе пари со позајмување
Од каде тогаш пари и за повеќе трошење и за поголем дефицит од очекуваниот. Државните ревизори велат од повеќе извори, но главно од задолжување.
Во 2023 година, за 146% е зголемно домашното задолжување, а кон странство за 104%.
Така, на крајот на 2023 година, вкупниот јавен долг изнесува 8,48 милијарди евра, што е 773,9 милиони евра повеќе споредено со пред само една година претходно. Државниот долг, пак, на крајот на 2023 изнесувал 7,23 милијарди евра, што е 675,2 милиони евра повеќе за една година.
Во проценти, јавниот долг ја надминал границата од 60% од БДП и сега изнесувал 62,1%. Државнот долг, пак, пораснал на 53,1% од БДП.

Барем подобро се троши за капитални инвестиции
Проблемот е што и при позајмувањето се појавува апсурд. Државните ревизори пресметале дека од 3,3 милијарди евра, пари одобрени низ годините како грантови и кредити од меѓународни институции за конкретни проекти, државата има повлечено и искористено само 35%, или околу 1,13 милијарди евра.
„Неповлечените средства изнесуваат 131.970.336 илјади денари (2.146.милиони евра), а трошоците за провизии за нив се 1.400.077 илјади денари (22.милиони евра), што претставува помалку од 1% од нивната вредност. Најголем дел, односно 38% од износот на заемите и грантовите се реализираат преку Јавното претпријатие за државни патишта-ЈПДП и Јавното претпријатие за железнички и сообраќајна инфраструктура, но со бавна динамика и реализација на проектите“,
нотираат ревизорите.
Но, во пошироката слика, може да се најде и позитивен тренд. Кога се во прашање капиталните инвестиции, независно дали се финансираат со странски или домашни пари, од година во година расте висината на средствата кои државата успева да ги реализира.
Ако во 2019 државата успевала да потроши едвај 165 милиони евра за капитални инвестиции, лани таа сума се искачила до околу 612 милиони евра.

Целиот изештај на ДЗР може да го прочитате на следниот ЛИНК.