Премиерот тврди дека судии и обвинители му барале средби, но дека нема намера да ги прими
Изјавата и за криминалците и за судиите и обвинителите ја даде во контекст на новинарско прашање во врска со најавените реформи во Судскиот и Советот на јавни обвинители
Функционери во правосудството бараат средби со мене, изјави денеска во Охрид премиерот Христијан Мицкоски. Но, додаде, нема намера да ги прими. Овој став првиот човек на владата го кажа во поширок одговор на прашањето за некои од ставовите на американската амбасадорка Анџела Агелер при нејзиното интервју за емисијата „200“ на ТВ Алсат.
Мицкоски во неколку наврати најавува дека сака да ги распушти Советот на јавни обвинители и Судскиот совет и да го смени Уставот и законите со што би се сменил моделот на избор во овие тела. Во моментов, мнозинството членови си ги бира самата фела, а малцинството членови ги бира Собранието. Премиерот сака да го смени моделот во таков со кој сите членови ќе си ги бира фелата, без надзор од политиката.
ЕУ и САД, пак, повикуваат да се спроведат реформи согласно препораките на досегашните експертски мисии.

„Не сакам да ми бараат средби ниту обвинители, ниту судии. Ми бараат средби, не сакам. Нема да примам никого. Не ми треба тоа. Треба само за тоа што се платени“,
изјави Христијан Мицкоски.
Според премиерот, најголемиот отпор кон промените доаѓа од тие што не ги посакуваат. Додаде и дека е свесен оти најавите за промени предизвикуваат страв.
„Гледам овие две-три недели и на криминалците им станува страв. И на овие политичкиве и на овие другиве затоа што знаат дека нема веќе како досега“,
изјави Христијан Мицкоски.
Осврнувајќи се на повиците дека се потребни реформи за кои веќе има патоказ, а не промена на системот, Мицкоски се одбрани со слабите резултати од досегашните реформи, но и ветувањата кои ги дал пред граѓаните.

„Сме излегле со ова пред граѓаните. Тие не гласале и сме добиле гласови. Зад таа програма можам да стојам. Јас не знам друга програма“,
изјави премиерот.
Проверката на фактите, сепак, говори дека не е баш точно дека ВМРО-ДПМНЕ ветил распуштање на Судскиот и Советот на јавни обвинители. Точно е дека тогаш, како претседател на партијата, Мицкоски велеше дека ќе ги распушти двата совети, но не соопшти многу детали како ќе го стори тоа без да ја прекрши актуелната легислатива.

И во предизборната програма се споменуваше распуштање на советите, но не и уставни и законски измени со кои сите членови на овие тела ќе си ги бира фелата. Напротив, се најавуваше избор на нови членови кои доаѓаат од редот на политиката.
„Акумулираните системски девијации од законската рамка и недостатокот на добра судска практика ги направи Судскиот совет и судиите ранливи од надворешни влијанија и заплашувања. Сегашниот состав на Судскиот совет го има изгубено кредибилитетот и затоа ќе биде распуштен. Со законски измени ќе утврдиме строги и објективно мерливи критериуми кои треба да ги исполнат новите членови, избрани на предлог на Собранието и на Претседателот на државата. Постапката ќе биде транспарентна и јавна, со што ќе се гарантира интегритетот и квалитетот на избраните кандидати. Од предложените кандидати ќе се бара да имаат програма за работа со точно утврдени индикатори за успешност“,
пишува на страница 83 во Платформа #1198 на ВМРО-ДПМНЕ.