Алијансата останува посветена на безбедноста и стабилноста и ќе продолжи да го унапрадува политичкиот дијалог и практичната соработка со Западниот Балкан, со цел, како што се посочува во декларација, поддршка за реформите, одржување на регионалниот мир и безбедност и спротиставување на малигните влијанија
Шефовите на држави и влади на земјите членки на НАТО-алијансата денеска потпишаа заедничка декларација со што и официјално го заокружија годинашниот самит на НАТО во Вашингтон, во чиј фокус беше одбележување на 75-годишнината од формирањето на Алијансата. НАТО-Алијансата останува единствена и солидаризирана пред, како што се вели во декларацијата, бруталната агресивна војна на европскиот континент во критично време.

Фото: EPA-EFE/YURI GRIPAS / POOL
Русија и натаму најзначајната и директна закана по безбедноста
Главната и директна закана по безбедноста на земјите сојузнички, како што, меѓу другото, се наведува во декларацијата, и натаму останува Руската Федерација, а нејзината инвазија на Украина го наруши мирот и стабилноста во евроатланската област и сериозно ја поткопа глобалната безбедност.
„Тероризмот, во сите негови облици, е најдиректната асиметрична закана за безбедноста на нашите граѓани и за меѓународниот мир и просперитет. Заканите со кои се соочуваме се глобални и меѓусебно поврзани“,
се наведува во овој контекст во декларацијата.
Како причина за длабока загриженост се наведуваат и продлабочените односи и стратегиски партнерства меѓу Русија и Кина и нивните, како што се посочува, меѓусебно засилувачки обиди да го поткопаат и преобликуваат меѓународниот поредок заснован на правила. Се додава оти НАТО е соочена со хибридни, кибернапади и други закани и злонамерни активности од државни и недржавни актери.
„Хибридните операции против сојузниците може да достигнат ниво на вооружен напад и би можеле да го наведат Северноатлантскиот совет да се повика на членот 5 од Вашингтонскиот договор. Ќе продолжиме да го развиваме нашиот индивидуален и колективен капацитет, да анализираме и да се спротиставиме на непријателските дезинформации. НАТО тесно се координира со сојузниците и партнерите, ги зголемува механизмите за предупредување и споделување и ги јакне заедничките одговори, особено во стратегиската комуникација“,
пишува во декларацијата.
Западен Балкан од стратегиско значење за Алијансата
Западен Балкан и Црноморските региони се од стратегиско значење за Алијансата – се наведува, меѓу другото, во завршниот документ усвоен од шефовите на држави и влади на земји членки на НАТО по самитот во Вашингтон.
Алијансата останува посветена на нивната безбедност и стабилност и ќе продолжи да го унапрадува политичкиот дијалог и практична соработка со Западниот Балкан, со цел, како што се посочува, поддршка за реформите, одржување на регионалниот мир и безбедност и спротиставување на малигните влијанија, вклучително и дезинформации, хибридни и киберзакани.
„Демократските вредности, владеењето на правото, домашните реформи и добрососедските односи се од витално значење за регионалната соработка и евроатлантската интеграција, и ние гледаме континуиран напредок во овој поглед. Остануваме посветени на континуираниот ангажман на НАТО на Западен Балкан, вклучително и преку Косовските сили предводени од НАТО (КФОР). Ќе ги следиме и оценуваме случувањата во регионот. НАТО ги поддржува евроатлантските аспирации на заинтересираните земји во овој регион“,
се наведува во делот од декларацијата посветен на Западниот Балкан.
НАТО останува нуклеарен сојуз сè додека постои нуклеарно оружје
Нуклеарното одвраќање е камен-темелник на безбедноста на Алијансата – гласи една од точките во заеднички усвоената декларација. Се нагласува оти основната цел на нуклеарната способност на НАТО е да го зачува мирот и да ја одврати агресијата. Оттука, НАТО ќе остане нуклеарен сојуз се додека постои нуклеарно оружје.
„НАТО останува посветена на преземање на сите неопходни чекори за да се обезбеди кредибилитетот, ефективноста и безбедноста на мисијата за нуклеарно одвраќање на Алијансата, вклучително и со модернизирање на нејзините нуклеарни капацитети, зајакнување на способноста за нуклеарно планирање и прилагодување“,
Се посочува оти позицијата на НАТО за одвраќање и одбрана се заснова на соодветна мешавина на нуклеарни, конвенционални и ракетни одбранбени капацитети, надополнети со вселенски и киберкапацитети.
„Ќе користиме воени и невоени алатки на пропорционален, кохерентен и интегриран начин за да ги одвратиме сите закани за нашата безбедност и да одговориме на начин, време и во доменот што го избираме“,
се додава во документот.
Улогата на нуклеарното оружје во одвраќање, како што се додава, може да ја надополни ракетната одбрана. Во документот сојузниците изразиле решителност за одвраќање и одбрана од сите воздушни и ракетни закани со подобрување на интегрираната воздушна и ракетна одбрана на Алијансата.
Заложба за долгорочна безбедносна помош за Украина
Во поглед на Украина, која беше една од главните фокусни точки на самитот во Вашингтон, НАТО-сојузниците ја потврдиле решеноста за поддршка со цел победа над руската агресија и нејзино одвраќање во иднина. За таа цел, како што се посочува во декларацијата, во текот на следната година за Украина ќе се обезбеди финансиска помош од 40 милијарди евра, како и одржливи нивоа на безбедносна помош.
Во заложбата се потенцира посветеноста за помош на Украина во набавка, транспорт на воена опрема и покривање на трошоците за нејзино одржување, покривање на трошоци за воена обука во Украина, инвестиции и поддршка за одбранбената инфраструктура и индустрија на Украина.
„За правично споделување на товарот од оваа поддршка, сојузниците ќе се стремат да го исполнат ова ветување преку пропорционални придонеси, вклучително и со земање предвид на нивниот удел во БДП на Алијансата. Сојузниците ќе го известуваат НАТО за поддршката дадена во врска со ова ветување двапати годишно, при што првиот извештај ќе вклучува придонеси доставени по 1 јануари 2024 година. Врз основа на ова, генералниот секретар ќе обезбеди преглед на сите пријавени придонеси од сојузниците“,
се наведува во заложбата за помош за Украина.
Покрај воената поддршка во рамки на оваа заложба, како што се додава во декларацијата, сојузниците имаат намера да продолжат да обезбедуваат политичка, економска, финансиска и хуманитарна поддршка за Украина.