Без проблем добивавме пристап до врвот на Водно 11 години по ред, велат од Агенцијата за електронски комуникации која е инвеститор во телекомуникациската кула. Не знаат зошто баш сега Град Скопје одлучил да не им дава дозвола да го користат патот од Средно Водно до врвот, без што не може да се гради на терен
Од Град Скопје, за „360 степени“ само констатираа дека АЕК „нема важечко одобрение за движење со тешки товарни возила камиони и градежна механизација во заштитено подрачје Водно“. Не ни одговорија и зошто
Повисока од зградата на МРТВ, од кулите Џевахир во скопски Аеродром и најмалку два и пол пати поголема од милениумскиот крст на Водно. Телекомуникациската кула на Агенцијата за електронски комуникации или накратко АЕК се гради од октомври 2013 година.
Првата лопата за камен-темелникот ја фрлија премиерот Никола Груевски заедно со директорот на АЕК Роберт Ордановски.
„Со височина од 155 метри, со модерен изглед и дизајн со ротирачки простории какви што се планираат, дефинитивно овој објект ќе биде највисок во цела Македонија“,
кажа Груевски во 2013 година.
Идејата на проектот, како што беше најавено, е да се изгради посебен антенски систем за контрола на радиофрекфенции. Но, покрај првичната функција, кулата беше замислено да има и друга намена.
Што има по 11 години градба?
Магнет за туристи, атракција и ново обележје на градот требаше да биде антенската кула на врвот на Водно која ја гради Агенцијата за електронски комуникации. Но, и по една деценија, овој објект воопшто не е пуштен во употреба.

На прв поглед, личи дека кулата е во завршна фаза со градба. Четирите платформи поради кои се смени и логото на АЕК се веќе видливи.
Првата рампа за да се стигне до кулата со возило е на Средно Водно. Не пуштија откако се претставивме како медиум. Изведувач е компанијата „Гранит“, па последната капија пред објектот е под нивна и контрола на АЕК.
За нагоре, ќе има два лифта кои ќе водат до платформите, објаснува Илија Кепевски од АЕК, кој работи на проектот од самиот почеток.
„Моменталната ситуација што е изградена е на 115 метри. Меѓутоа, во наредна фаза треба да се постави челично решеткаст столб од 27 метри и над него се поставуваат три сегменти од по пет метри вкупно 15 метри за УХФ, ВХФ и ФМ системите. Вкупната висина ќе дојде значи 155 метри“,
вели Илија Кепевски, советник на директорот на АЕК.

На 57 метри висина се наоѓа првата платформа каде ќе има опрема и канцеларии на полицијата и војската. На втората платформа предвидено е да бидат операторите, а третата платформа е наменета за македонската радиодифузија.
„Најгоре четвртата платформа ќе биде едукативен центар – називот на платформата е едукативен центар за потребите на студентите и средношколците, но сепак тоа ќе биде од јавен интерес – еден вид просторија за одмор, за релаксација, ќе биде ротирачка платформа, тоа е прстен во прстен, технички значи каде што ќе бидат поставени маси и столици, тој дел ќе се врти“,
објаснува Кепевски.
Вредноста на објектот е околу 18 милиони евра, а локацијата била одредена по бројни анализи во минатото.
„Анализите покажаа дека идеално место во овој дел од регионов е планината Водно. За да можат буквално, стручно кажано, да се гаѓаат базните станици за операторите на Страцин, Црн Врв, на Солунска глава, на Стогово и од таа причина овде е идеалното место каде што на таа висина на објекот од 1 034 метра плус 155 метра, дава идеална видливост на сите останати објекти“,
посочува Кепевски.

Рокот до кога требаше да биде готова зградата е неколку пати продолжуван. Првиот поголем застој е во 2018 година кога имало измени во тек градбата, а последниот рок беше крајот на 2023 година.
Спуштена рампа
Но, во моментов, градежните активности се стопирани. Од АЕК велат дека без претходна најава Град Скопје им забранил движење и пристап до објектот на камионите и градежната механизација на „Гранит“.
„Значи 96,4 посто од објектот е завршен. Останати се градежно-занаетските работи. Еве, може да видите на платформите горе се поставени рамките за прозори. Прозорите треба да се донесат да се стават, меѓутоа тие не може одозодола да се донесат мора од оваа страна“,
–Лифтовите, готови се?
Дел од лифтовското јадро, шините се поставени, меѓутоа кабините, опремата, стои надвор, дури дел од нив се оштетени, заради тоа што немаше простор да се конзервира“,
вели Кепевски.

По тврдењата од АЕК, одговори се обидовме да добиеме и од Град Скопје – врз основа на што е изречена забраната и до кога трае? Оттаму кусо одговорија:
„Режимот на движење на моторни возила во парк-шумата Водно, како заштитено подрачје, се регулира со издавање одобрение за движење во заштитените подрачја. Агенцијата за електронски комуникации нема важечко одобрение за движење со тешки товарни возила камиони и градежна механизација во заштитено подрачје Водно“,
велат од Град Скопје.
Од АЕК, пак, велат дека барале одобрение во повеќе наврати и дека веќе десет месеци немаат ниту одговор, ниту образложение, зошто не им се издава.

Директорот на агенцијата Јетон Акику објаснува дека дозволите ги обезбедува изведувачот, во случајот „Гранит“, но откако сите обиди за комуникација со Град Скопје биле неуспешни, се вклучилe и тие како инвеститори.
„Во принцип, сообраќајниот проект го носиме ние во Град Скопје, тој треба да оди во МВР, со одобрение на МВР се враќа во Град Скопје и така се дава дозвола на изведувачите и подизведувачите. Последното барање не знам ни дали е воопшто стигнато до МВР од страна на Град Скопје дали е пратено, ама одговор никаков немаме добиено и затоа не можам да кажам ни кое е официјалното образложение. Единаесет години по ред изведувачите и подизведувачите на годишно нив земале дозвола од Град Скопје без никаков проблем, сепак значи зборуваме за проект од национален интерес, со дозвола од Министерство за транспорт и врски, со одобрение за градба и по сите нишани и по сите закони не смее никој да го спречи, ако нема некоја судска одлука. Барем законот така вели, но во пракса може да бидеме спречени од страна на Град Скопје, а за што и ние не знаеме,“
–Што ќе преземете понатаму? Како да се откочи овој процес?
Значи, ние се потрудивме некако директно да разговараме со Град Скопје, да прашаме што е проблемот и тешка е комуникацијата, условно кажано. Побаравме инволвирање на управен инспекторат и на градежен инспекторат, досега од сите можни начини не е стигнат одговор. Но сето ова нанесува големи штети“,
објаснува директорот на АЕК, Јетон Акику.

Се спремаат тужби
Акику вели дека ако продолжи игнорантскиот однос на Град Скопје, но и на другите институции, АЕК решението ќе го бара по судски пат.
„Отприлика сто милиони (денари н.з.) е штетата на изведувачот, од тоа што го имаме досега како сознание, околу 10 милиони денари месечно му е штетата на изведувачот за неработењето. За нашата штета во тек е вештачење, ќе видиме од вештачењето колку ќе биде и за тоа ќе имаме постапка, судска постапка во која ќе ги побараме тие штети од Град Скопје“,
вели Акику.
Во однос на вредноста на објектот, досега не се потрошени повеќе од предвидените 18 милиони евра, уверува првиот човек на АЕК. Зголемување на првичната сума имало за околу пет отсто во 2018 година кога се направени измени во тек на градба, но потрошени се 95% отсто од парите, колку што е изградено, вели Акику. Уште пред стартот на градбата се поставуваше прашањето – дали воопшто е потребен баш таков објект.
„Дали е исплатлив – во моментов е исплатлив, треба да се заврши,бидејќи потрошени се многу пари, не може да се остави тој објект туку така. Тој има и безбедносен карактер, национален интерес.
–Значи според вас потребен е?
Па не е непотребен, да кажам. Можеби да се градеше навреме или уште порано, можеби подобро ќе беше. Обично голем дел од државите, освен Турција ако не се лажам, има изградено исто време со нас, ама тие завршија зашто немат пречки како нас, а голем дел од државите порано ги имаат правено овие антенски столбови“,
вели Акику.

Ако се откочи работата и уште утре се продолжи со градба, кулата би била готова за помалку од шест месеци, велат од АЕК. Новиот рок за градба е продолжен до крајот на 2024 година. Дали ќе се стигне тој датум, останува на временските услови и волјата на Град Скопје.