Од МВР велат дека новите камери кои веќе се поставени на повеќе локации ќе служат за документирање на сообраќајни прекршоци, но без законски измени такво нешто не е возможно, тврди универзитетскиот професор Злате Димовски
Систематското поставување на надзорни камери почна во 2012 година кога МВР на чело со Гордана Јанкуловска го промовираше проектот „Безбеден град“ – систем на камери кој требаше да ја зголеми безбедноста по повеќе основи. Но, 12 години подоцна камери има на многу места и низ повеќе градови, но не е докрај јасно за што се се користат
На се повеќе локации во главниот град, од столбови, бандери, семафори, „ловат“ неколку различни видови на камери. Нашето „лаичко“ око забележа три типа: правоаголни сиви камери, топчести и најновите, кои во моментов се инсталираат на нови столбови, во форма на квадар и во сина боја. Пробавме да дознаеме која е нивната намена, особено по се погласните најави дека ќе се санкционираат сообраќајни прекршоци со камери.
Беше 2012 година кога тогашниот врв на МВР го промовираше проектот „Безбеден град“ – систем на камери кој требаше да ја зголеми безбедноста по повеќе основи.
„Во моментот кога проектот ќе биде целосно завршен ќе бидат во функција над 600 камери кои ќе вршат мониторинг на просторите каде што најчесто имаме јавни собирања, на најфреквентните и стратешки сообраќајници“,
изјави поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска во 2012 година.
Камерите од проектот „Безбеден град“ и денеска работат, но не се знае ниту колку, ниту точно за што. Една најавена функционалност никогаш не се оствари – да казнуваат за сообраќајни прекршоци. А дека служат за следење на лица или возила од интерес, јавноста дознава во случаи како при киднапирањето и убиството на Вања Ѓорчевска.

Но неколку месеци наназад, и тоа на повеќе локации, се поставуваат нови камери, најчесто на нови столбови. Од МВР велат и тие се дел од проектот „Безбеден град“ и повторно најавуваат – ќе се користат и за казнување.
„Ве известуваме дека во континуитет се врши надградба на системот „Безбеден град“. Новите камери кои се поставуваат во Скопје се во рамките на проектот „Безбеден град”, кој има за цел зајакнување на сообраќајната безбедност, а откако ќе бидат поставени, ќе се користат за документирање на сообраќајни прекршоци. Камерите сѐ уште не се во функција. По завршувањето на сите потребни активности околу овој проект јавноста соодветно ќе биде известена“,
се вели во одговорот на МВР испратен до „360 Степени“.
Ова, сепак, не беше директен одговор на прашањата кои „360 Степени“ ги упати до МВР. Па се обидовме повторно со прашања како – кои камери за што служат, дали веќе се спроведени тестирања, па и како што јавија некои медиуми – дека во тест-фазата биле регистрирани илјадници прекршоци.
Но, одговорот беше идентичен.

А македонските граѓани веќе имаат едно неславно искуство со набљудување. Всушност се работи за прислушувањето кое го обелодени опозицијата во 2015 година. Логично е откако беше видлива злоупотребата на системот, да има сомнеж за истиот, без разлика кој раководи со институциите. Но МВР е една од најзатворените институции.
Кога „360 Степени“ и по трет пат се обрати до МВР, со покана за интервју со министерот Панче Тошковски на тема „Безбеден град“, не добивме повратен одговор.

Според универзитетскиот професор од Факултетот за безбедност, Злате Димовски, токму нетранспарентноста за целиот проект отвора сомнеж како системот се користи.
„Самиот „Безбеден град“ беше најавуван на голема врата и ние очекувавме големи бенефити од истиот. Меѓутоа како што гледаме до сегашниот момент немаме никаква информација кој го инсталирал, се знаеше дека е МВР меѓутоа сепак, за кои цели, понатаму, каде одеа податоците до сегашниот период. Ние многу повеќе свртивме внимание кон она што беше кажувано подолг временски период дека се прислушкуваа илјадници луѓе, дека им се следат едноставно телефоните, а воопштго не обрнавме внимание на сето она што ни се случува во јавноста, на јавните места, па можеби и на други места каде што има поставено…Факт е дека ги немаме локациите каде се поставени тие камери, кого следат, зошто се употребува тој материјал, дали воопшто постои одреден центар каде што се собираат таквите информации коишто утре-задутре би можеле да бидат употребувани во различна функција против нас или евентуално во наша функција“,
вели Димовски.

Она што со сигурност се знае, е дека за системот за автоматско казнување за сообраќајни прекршоци да функционира, ќе треба да се менуваат закони. Односно ќе треба да се воведат нови членови во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата за кои нема ниту најава ниту информација дека се подготвуваат во МВР. Професорот Димовски потенцира дека мора да има јасни процедури.
„Во функција на она што ќе биде казниво, за да може да се казнува она што би било материјал, треба да биде доказен материјал, поточно да добие процесна вредност. Сега тоа тешко дека може да се примени освен ако нема ПИМ мерки со посебна процедура. Во овој момент тоа не би можело. Треба да се променат низа на закони коишто ќе доведат до тоа да сите оние добиени податоци, треба да бидат валидни и реални затоа што во оваа ера на разно разни можности за додавање и одземање на лица и предмети…практично монтажа, факт е дека тоа ќе биде проблем. Тогаш ќе се постави повторно прашањето колку ние можеме да веруваме на истото. Затоа мора да знеме кој е тој што ќе го работи сето тоа, кои се сите оние коишто ќе го доставуваат тој материјал, каква ќе биде процедурата, дали само со налог или ќе треба да се оди на суд“,
потенцира професорот Димовски.
„360 Степени“ се обрати и до Агенцијата за заштита на личните податоци од каде не информираа дека Министерството за внатрешни работи до сега се нема обратено до Агенцијата во однос на поставувањето и пуштањето во употреба на камерите за видео надзор. Но од таму тврдат дека МВР и нема законска обврска да го направи тоа. Членот 65 од Законот за полиција и го дава тоа право на полицијата, но тоа право важи под услов да постои опасност, а не да се снима постојано.
„Под снимање на јавни места во смисла на овој закон, се подразбира аудио и видео надзор над јавните места каде што зачестено се извршуваат кривични дела или прекршоци, со цел за нивно спречување“,
се вели во Законот за полиција, член 65.

Екипа на „360 Степени“ направи обиколка низ главниот град. Нови камери засега може да се забележат пред се на најважните сообраќајници. Од стариот тип на камери има речиси во секоја скопска општина, но забележавме дека нови се инсталирани на следните локации:
- Булевар „Александар Македонски“ – населба Автокоманда на раскрсницата близу студентскиот дом „Стив Наумов“
- Булевар „Крсте Мисирков“ во близина на Апелациониот суд
- Булевар „Партизански одреди“ кај Соборен храм и во Карпош 1 на раскрсницата со „Рузвелтова“
- Како и на булеварот „Словенија“ на раскрсницата за влез во населбата Шуто Оризари
Па, 12 години од првичната најава, ќе видат ли Скопје, Тетово и Куманово дали системот „Безбеден град“, навистина ќе ги направи овие места побезгрижни средини за живеење? Или, камерите ќе продолжат да се користат за други, не докрај познати цели?