Во американските медиуми Ричард Гренел се опишува како човек од доверба на поранешниот претседател Доналд Трамп, кој за време на неговиот мандат дојде до позициите на в.д. директор на Националното разузнавање на САД (координатор на 17 разузнавачки агенции), амбасадор на САД во Германија и специјален пратеник на Трамп за Балканот. Ако Доналд Трамп победи на претседателските избори во ноември, Гренел се смета меѓу најсериозните кандидати за позицијата државен секретар
Плодна и пријателска вечера со Ричард Гренел, американски дипломат, поранешен директор на американската разузнавачка служба и добар познавач на состојбите на Балканот. Економија, енергетика и владеење на право, теми за продлабочување на соработката, објави премиерот Христијан Мицкоски на Фејсбук за средбата што тој и министрите за надворешни работи и за одбрана, Тимчо Муцунски и Владо Мисајловски, ја имале со блискиот соработник на Доналд Трамп во Вашингтон.
Премиерот и двајцата министри се во повеќедневна посета на САД каде од утре до четврток ќе учествуваат на Самитот на НАТО.
Информации за тоа кој е Ричард Гренел не недостасуваат. Неговите политички почетоци се врзуваат за стартот на милениумот и турбулентниот период по нападите на 11 септември 2001 г. Работел како портпарол во мисијата на САД во Обединетите нации во Њујорк, меѓу другото, и во периодот кога шеф на мисијата е Џон Болтон, кој подоцна стана советник за национална безбедност на Доналд Трамп, но набрзо се разиде со тогашниот американски претседател.
Во годините на администрациите на Барак Обама, Ричард Гренел формира компанија за комункациски услуги со портфолио во Кенија, Конго, Молдавија, Авганистан. Во 2016 г. станува и коментатор на телевизијата „Фокс“ која отворено застана во поддршка на првата кандидатура на Трамп за претседател на САД. Во тој период неговата фирма се поврзува со случај во кој медиумски бранела и лобирала за молдавски олигарх кој веќе бил ставен на „црната листа“ на Стејт департментот. Има извештаи и за тоа дека компанијата на Гренел добила 100 000 долари од владата на десничарот Виктор Орбан.
Со доаѓањето на Доналд Трамп во Белата куќа започнува институционалниот подем на Гренел, прво како амбасадор на САД во Германија кога се „истакнува“ со изјавите на поддршка на десничарските партии во Европа, потоа и како специјален пратеник на американскиот претседател Трамп за Балканот кога се појавија извештаи дека заговарал размена на територии како начин за решавање на односите меѓу Белград и Приштина, иако тоа беше официјално демантирано.
Ваквите иницијатива наидоа на силен отпор кај земјите членки на ЕУ, а меѓу најгласните беше Германија која сметаше дека тоа може да доведе до домино-ефект во регионот со тоа што слични барања би се појавиле во Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија.
Во 2020 г. Гренел доаѓа на позицијата в.д. директор на Националното разузнавање, која му овозможува координаторска улога на 17 разузнавачки агенции на САД.
По победата на Џо Бајден, Гренел не го заборава Балканот. Сè уште е присутен во регионот, но во економска смисла преку инвестиции во недвижности во Србија и Албанија.
За него се смета дека е пренесувач на пораките на Доналд Трамп, човек во кого претендентот за враќање во Белата куќа има голема доверба, кој е подготвен да се справува со неистомисленици на движењето МАГА.
Поради сето ова, Ричард Гренел се смета за еден од најсериозните кандидати за државен секретар на САД ако Доналд Трамп победи на ноемвриските претседателски избори.