„Имаше многу случаи каде што Македонец се пријавуваше кога требаше да се вработи како Албанец, Турчин, Влав или нешто друго или обратно на локално ниво. Значи, не беше во функција, туку беше во контрафункција“, рече првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање
Не се укинува балансерот, туку се унапредува во својство на Закон за правична застапеност, а тоа ќе биде во интерес на мултиукултурната и мултиетничка држава Северна Македонија. Ова денеска го изјави Изет Меџити, првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, кој заедно министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, и пратеникот Беким Сали денеска се сретнаа со претставниците на Здружението на пензионери на Чаир коментирајќи ги најавите на министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски дека се менуваат бројките во балансерот да одговараат на пописните резултати исклучиво, како што рече на резидентното население од пописот во 2021 година.

Според него, механизмот првично по 2001 година бил во функција на застапеност на помалите заедници, но последните години, како што рече, имал контраефект.
„Имаше многу случаи каде што Македонец се пријавуваше кога требаше да се вработи како Албанец, Турчин, Влав или нешто друго или обратно на локално ниво. Значи, не беше во функција, туку беше во контрафункција“,
вели тој.
Според министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, времето на балансирање по етнички клуч останува во минатото, но, како што рече, сето тоа ќе биде направено со почитување на темелните вредности на Уставот.
„Од денеска бројките во рамки на дигиталната алатка балансер се променети да одговараат на пописните резултати исклучиво на резидентното население од пописот во 2021 година. Што значи дека лицата попишани во држави како Швајцарија, Германија, Италија нема да бидат дел од дигиталната алатка балансер за вработување во Република Македонија“,
рече тој.
Во врска со најавите за целосно распуштање на Судскиот совет, Меџити рече дека меѓународниот фактор и експертите констатирале дека Македонија изминатите години се соочува со епидемија на корупција, која го зафатила и судството, поради што граѓаните ја изгубиле довербата и само три отсто веруваат во судството и обвинителството.
Меџити потврдно одговори на прашањето дали постои иницијатива за враќање на одредбите во Кривичниот законик, а кои се однесуваат на злоупотребата на службената должност.