„Најпроблематична е интеграцијата на предметите, тоа не беше прифатено ни од стручната фела, ниту од наставниците практичари“, вели новоизбраната министерка за образование и наука Весна Јаневска, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, за најавениот процес на ревизија на Концепцијата за основно образование донесена во март 2021 година, период кога министерка беше Мила Царовска
360°: Од трите теми за кои рековте сакате да бидат ваш прв ангажман како министерска за образование и наука, зборувавме за едносменска настава, а веќе ја споменавте Концепцијата за основно образование за која најавувате ревизија и велите – тоа што е добро ќе остане, а тое што е лошо ќе отпадне. Кој ќе го одреди тоа и во каков процес?
Јаневска: Тоа е процес во кој сметам дека треба да бидат вклучени и стручната јавност и практичарите, и ние веќе со години тоа го работиме откако е објавена Концепцијата, со наставниците и со родителите, се разбира и со повозрасните ученици, и од нив собираме искуства. Секако, ова е работа на Бирото за развој на образование, затоа имавме состанок пред некој ден и тие состаноци во континуитет ќе продолжат следните денови за да можеме да ги надминеме проблемите.
360°: Мала дигресија, тоа што се сретнавте со сè уште актуелниот директор на БРО, дали значи дека тој ќе остане на чело на Бирото?
Јаневска: Тоа не е нешто што го одлучувам јас, претпоставувам, ни тој. Но е важно, еднаш во оваа земја треба да научиме дека луѓето што се поставени да раководат со институциите, имаат одговорност, без оглед дали се од претходната или оваа власт. Јас му благодарам на директорот од претходната власт што навистина покажа разбирање, но и желба да се помогне во оваа безизлезна ситуација во којашто се наоѓаме.
360°: Сега ќе ве вратам повторно на потенцијалната ревизија на Концепцијата за основно образование. Велите дека тоа сакате да го направите во инклузивен процес, но имате ли некаков рок во кој планирате да го завршите тоа?
Јаневска: Да, тој рок би траел најмалку една година, евентуално нешто подолго, но би одел постепено, одделение за одделение, како што и сега се случува.
360°: Иако треба да дозволиме процесoт да покаже кои ќе бидат елементите што ќе останат и оние што ќе отпаднат од Концепцијата, но според вас, кои се најпроблематичните елементи во актуелната Концепција за основно образование?
Јаневска: Најпроблематична е интеграцијата на предметите, тоа не беше прифатено ни од стручната фела, ниту од наставниците практичари.
360°: Дали тоа значи дека интегрирањето не е добро?
Јаневска: Тоа не значи дека не е добро. Јас никогаш не сум рекла дека не е добро, но тоа е неизводливо во Македонија, тоа е толку многу комплицирано… Јас не наоѓам сериозна мана во наставните планови, програмите се друга работа, но тоа во Макеоднија е неизводливо, таков принцип не им е близок ниту на учениците, ниту на наставниците, ниту на родителите, тоа ги збунува и кај нив буди револт.
360°: Вие сте универзитетски професор, имате огромно искуство во тој дел и знаете дека многу малку проблеми во секојдневниот живот се еднопредметни, еднодимензионални… Идејата на спојување на предметите, меѓу другото, беше и таа – да се зборува за теми, за проблеми, за концепти, за реални состојби во животот, бидејќи тие се мултипредметни?
Јаневска: Тоа е апсолутно така и тоа треба да е сосема јасно кај сите што се во образовниот систем. Сепак, начинот на поврзување на тие теми може да биде остварен и преку постоење на посебните предмети, хоризонтално поврзување, обработка на една тема во македонски јазик, во историја, во географија… Тие, секако, може да се поврзат, но проблемот беше не толку во програмите, иако наставниците и од дел од програмите не се задоволни затоа што се тие практичари и гледаат како децата можат да го совладаат и тоа ќе биде предмет на ревизијата. Но, наставните планови создадоа сериозни забуни и проблеми кај наставниците и оттука не е никаков проблем тоа да го промениме, а поврзаноста да ја задржиме. Сметам дека и Бирото ќе се согласи со тоа и ќе може да го направиме, иако нè чека многу голема и многу сериозна работа.
изјави Јаневска.
360°: Концепцијата за основно образование почива на неколку принципи: инклузивност, родова сензитивност/ рамноправност и интеркултурност. Што мислите вие за ова, дали овие принципи за вас како министерка се прифатливи?
Јаневска: Прифатливи се доколку, кога станува збор за родова сензитивност, се направи јасна дистинкција на сеопфатното сексуално образование за кое имаше обиди да почне, според нашите образовни политики, премногу рано, не на соодветната возраст на учениците. Што се однесува до половата рамноправност, апсолутно, немам никаков проблем. Што се однесува до мултикултурноста и мултиетничноста, ќе се потрудиме тоа да го спроведемe поефикасно отколку во минатото. И инклузивност, ако станува збор за еднакви можности на сите – да, без дилема, сосема е прифатливо, но ако станува збор за инклузија на децата со попреченост, тоа е веќе друг проблем и друга тема за дискусија. Ако се мисли на тоа, искуството на тоталната инклузија во образовниот систем досега даде негативни ефекти во одредени средини и за одредени ученици. Во соработка со здруженија на родители, а сега планираме една сериозна расправа со стручњаците од универзитетите на оваа тема, да направиме одредени измени во тоа што се вика инклузивност на децата со попречености.