Претседателката рече дека не може, а да не потсети дека мирното раздружување од Југославија, како што рече, им го должиме и на државниците како Глигоров, Петар Гошев, Стојан Андов, Абдурахман Алити, како и дека требало да помине многу време за да ја видиме нивната вредност
Замина првиот претседател на Собранието во демократска Македонија избран на првите повеќепартиски избори, еден стамен столбник на нашата современост, кој даде сериозен придонес во политичкиот, државниот и општествениот развој во последните три децении.
Со овие зборови денеска претседателката Гордана Сољановска-Давкова се обрати на Комеморативната седница по повод смртта на Стојан Андов, првиот претседател на Собранието на самостојна Република Македонија, на која со едноминутно молчење од присутните му беше оддадена почит на првиот собраниски спикер.

Стојан Андов почина вчера на 88-годишна возраст.
„Андов беше државник, политичар, економски експерт, дипломат од висок ранг, политиколог, новинар, публицист, писател, кој ја промислуваше македонската и меѓународна сцена, како и за културниот идентитет на македонскиот народ, соживотот на сите македонски граѓани, без разлика на нивната верска, идеолошка и национална припадност, соработката со соседите и светот врз односи на рамноправна основа давајќи голем придонес на културата на сеќавањето, како предуслов за подобро утре на сите“,
рече Сиљановска-Давкова.

Претседателката рече дека не може, а да не потсети дека мирното раздружување од Југославија, како што рече, им го должиме и на државниците како Глигоров, Петар Гошев, Стојан Андов, Абдурахман Алити, како и дека требало да помине многу време за да ја видиме нивната вредност.
„Замина угледен сојузен функционер во поранешната заедничка држава, дипломат кому му се доверуваа најсуштествените задолженија на меѓународен план, кој беше член на сојузните влади во два мандати, кој го прекстари светот како задолжен за односи со земјите во развој и со Европската економска заедница, претходничката на Европската Унија, кој во име на сојузната влада го потпиша Договорот за соработка со Европската економска заедница“,
рече таа.
Стојан Андов, како што истакна Сиљановска-Давкова, ќе биде запаметен по многу политички судири во Југославија, но најмногу оние врзани за стопанската реформа од 1965 година бидејќи, посочи таа, општо познато е дека првиот претседател Глигоров и Андов биле за либерални реформи во економијата и културата.

Претседателката се осврна на идеолошките напади кон Стојан Андов, на неговата улога во југословенското државно и партиско водство, на политичките судири што ги имал во Југославија, како и неговата значајна улога во Стопанската реформа и во затворањето на ФЕНИ.
Таа потсети дека Стојан Андов во деведесеттите години, како што рече, беше либерал, кој сметаше дека нема реформи без либералните вредности, слободите и правата и економските реформи.
Претседателката го истакна државничкото однесување на Андов на патот кон самостојноста и независноста, кога, како што посочи, имаше многу изблици на емоции и конфликтот беше во воздухот.
Според неа, Андов бил предводник на разумноста и трпеливоста со неговиот богат животен и професионален опит, одмереност, комуникативност и енциклопедиска образованост, како и, како што додаде, страстен историчар, прагматичен, со чувство за реалноста и најдобар писател меѓу политичарите.
Стојан Андов е роден во Кавадарци на 30 ноември 1935 година. Основното образование и гимназија завршил во родниот град, дипломирал на Економскиот факултет во Скопје, а магистрирал на Факултетот за политички науки во Белград.
На првите повеќепартиски избори во земјава е избран за пратеник, а на 8 јануари 1991 година Стојан Андов е избран за претседател на првиот парламентарен состав. Во три мандати беше претседател на Собранието на Република Македонија.
Тој ги водеше седниците на Собранието со препознатлив стил и остави сопствен печат по кој ќе го паметат и пратениците и граѓаните.
На 8 септември 2021 година, на 30-годишнината од независноста на државата, беше одликуван со орден „8 Септември“.