„Сега ќе дојде некој друг на негово место, кој се надевам дека ќе успее барем двоцифрена да ја направи (довербата во судството) и тоа многу двоцифрена. За жал, тој одлучи наместо да работи за граѓаните, плодна почва од каде што ќе се изнедрат кадрите во обвинителството и судството да биде Зајас“, изјави денеска мандатарот за состав на нова влада
Реформа во правосудството ќе има бидејќи тоа е волјата на повеќе од половина милион граѓани, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за состав на новата влада, Христијан Мицкоски, кој рече дека во овој процес сигурно предвид ќе бидат земени мислењата на експертите.

Имено, одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на седницата на Генералното собрание на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), на која тој беше поканет да присуствува како гостин, Мицкоски, меѓу другото, беше прашан и за коментар на изјавите на актуелниот министер за правда Кренар Лога дека се согласува оти се потребни реформи во правосудството, но е против најавите на ВМРО-ДПМНЕ за распуштање на Судскиот и на Советот на јавни обвинители.
Својата загриженост од најавите на ВМРО-ДПМНЕ, Лога минатата недела преку писмо ја сподели со Брисел и Вашингтон и со дел од амбасадите во земјава.
Мицкоски во одговорот прво се задржа на експертите, од кои дел, како што беше наведено во прашањето, сметаат дека не треба да се брза со распуштање на Судскиот совет и дека станува збор за политичка мерка.
„Што се однесува до експертските мислења тие ни се секогаш добредојдени, сигурно ние нема да влеземе во овој процес без да ги слушнеме експертските мислења. Впрочем и јас како универзитетски професор се сметам за определен експерт во определена област. Но, истовремено како експерт кога ќе констатирам проблем нудам и решение, за тоа што ако вие констатирате само проблем, а не понудите решение, тогаш тоа во суштина е факт и вие ќе мора да го прифатите како факт. Тоа не е проблем, тоа е факт. Така што јас очекувам во таа дебата со експертите да ги слушнеме и решенијата за проблемите коишто евентуално тие ќе ги посочат“,
рече Мицкоски.
Во врска со ставот на Лога, Мицкоски му порача дека во неговиот мандат тој имал можност да направи реформи и да ја зголеми довербата во правосудството, но за жал ја пропуштил.
„Сега ќе дојде некој друг на негово место, кој се надевам дека ќе успее да ја направи (довербата во судството) барем двоцифрена и тоа многу двоцифрена. За жал, тој одлучи наместо да работи за граѓаните, плодна почва од каде што ќе се изнедрат кадрите во обвинителството и судството да биде Зајас. Мислам дека нашол лоша локација на ’Гугл мапс’. Требало да најде поинаква, а тоа е во канцеларијата на министерот за правда, со експертите да работи и да соработува. Така што, ве молам, да ја почитуваме волјата на повеќе од половина милион граѓани, а сега и како коалиција на повеќе од 600 илјади граѓани коишто на изборите на 8 мај јасно и недвосмислено ја дадоа поддршката за овој тип реформи и овој тип реформски процес“,
порача мандатарот за состав на идната влада.
Инаку, сè уште актуелниот министер за правда Кренар Лога во интервју за „360 степени“ емитувано во понеделникот (10 јуни), ги објасни причините за испраќањето на писмото до странските партнери. Кажа оти се плашел дека новата владејачка партија може пред формирањето влада да посегне по таков чекор, односно да го распушти Судскиот совет.
Во однос на тоа што лично тој минатата година иницираше престанок на мандатот на членовите на Судскиот совет, сè уште актуелниот министер за правда вели дека тоа било разговарано и со ВМРО-ДПМНЕ, но предлогот тогаш бил одбиен од нив, со што, според него, се отвора прашањето – зошто тогаш партијата на Христијан Мицкоски била против, а сега е „за“ овој предлог во друга форма.

Лога смета дека и Европската Унија и Соединетите Американски Држави нема да се согласат со распуштање на тела, а образложението на ова негово мислење го поткрепува со тоа што вели дека во Извештајот на Оценската мисија децидно ние е кажано дека мора да има континуитет и дека државните институции не може да поминуваат низ трауми.
„Вие ќе имате нов состав, а утредента ќе треба да имате оценување на судии. Значи, утредента ќе имате можност да именувате нови судии“,
рече министерот за правда во интервјуто.
Тој е дециден дека лекот за Судскиот совет е најден, односно дека тоа се препораките од Оценската мисија на ЕУ и дека тие понатаму треба да се пресликаат и за Советот на јавни обвинители.
Вчера Министерството за правда преку писмено соопштение ги најави најважните новини на Законот за Судскиот совет, подготвен од работана група што за таа цел ја формираше министерот за правда, а кои се базираат на насоките за подобрување на работата на ова тело кои ги даде Оценската мисија на Европската Унија.
Најважните новини во предлог-законското решение се сумирани во шест точки, а се однесуваат на постапката за предлагање членови на Судскиот совет, условите што треба да ги исполнуваат, регулирање на начинот на нивен избор, кој меѓу другото предвидува и воведување цензус при изборот на членовите на Советот кои доаѓаат од редот на судиите, што не е дел од актуелното законско решение.