Во периодот од 1 март до 30 април, во Агенцијата за вработување се поднесени приближно 3 900 барања за остварување право на паричен надоместок во случај на невработеност
Бројката на невработени на крајот на април е 114 762 лица
На крајот на април годинава бројот на невработени лица во земјава изнесува 114 762, што е за 7 030 лица повеќе во однос на крајот на март, според евиденцијата на Агенцијата за вработување.
Во текот на март, пак, кога почна кризата со коронавирусот, бројот на невработени се зголемил за 1 916 лица во однос на претходниот месец. Според тоа, откако почнаа да се применуваат мерките за заштита од ширење на коронавирусот, од 11 март до 30 април, како што се наведува во соопштение на Агенцијата за вработување, се евидентирани 8 160 лица кои останале без работа.
Во периодот од 1 март до 30 април во Агенцијата за вработување се поднесени приближно 3 900 барања за остварување право на паричен надоместок во случај на невработеност. Од нив, како што наведуваат оттаму, досега позитивно се решени 1 800 барања, 100 барања се одбиени поради неисполнување на условите за остварување на ова право, а во тек е обработка на останатите барања.
Најмногу останале без работа поради завршување на договорите
Од Агенцијата појаснуваат дека од вкупниот прилив на невработени лица од работен однос, според основот на престанок 4 279 лица (52,4%) се поради истекување на договор на определено време, 1 987 (24,4%) се поради спогодбен престанок на работен однос, 853 (10,5%) поради отказ од работодавач, 597 лица (7,3%) се поради отказ од страна на работникот, 199 (2,4%) се поради отказ од деловни причини (технолошки, економски, организациски и слични промени), 68 лица (0,8%) се поради стечај – ликвидација, 37 лица (0,5%) се поради престанок на дејноста на работодавачот, а останатите 140 лица (1,7%) се поради други основи на престанок.
Најмногу отпуштања во преработувачката индустрија
Најголем дел од приливот на невработени лица од работен однос се од преработувачката индустрија 2 804 (34,4 %), од трговија – 1 705 лица (20,9 %), како и од дејноста објекти за сместување и сервисни дејности со храна – 1 243 лица (15,2%).
Податоците објавени денеска покажуваат дека во првиот месец од годинава бројот на невработени бил 104 409, па во февруари таа бројка се зголемила на 105 816, во март на 107 732 и на крајот на април достигнала 114 762 невработени лица.
Во април, 8 852 лица се стекнале со статус невработено лице, а 1 459 засновале работен однос. Претходниот месец во март статус невработено лице добиле 4 399, а се вработиле 1 474, во февруари бројките покажуваат дека статус невработени добиле 6 677 лица, а се вработиле 2 786 и во јануари невработени станале 7 653, а се вработиле 1 918 лица.
Најмногу невработени во Скопје, Тетово, Куманово…
Најголем дел од невработените евидентирани во април – 20 916 се во Скопје, 13 660 се во Тетово, 12 908 во Куманово, 7 454 во Прилеп, 7 449 во Гостивар, 5 533 во Битола, 4 746 – Струмица, 4 227 – Велес, 3 331 – Струга, 3 208 – Охрид, 3 017 – Кичево, 2 895 – Штип, 2 793 – Кочани, 2 569 – Крива Паланка, 2 199 – Радовиш, 2 143 – Дебар, 1 534 – Кавадарци, 1 457 – Ресен, 1 400 во Берово, 1 340 – Гевгелија, 1 321 – Македонски Брод, 1 299 – Неготино, 1 284 – Делчево, 1 226 – Свети Николе, 1 046 – Пробиштип, 1 024 – Крушево, 801 – Демир Хисар, 695 – Виница, 649 – Валандово и 638 во Кратово.
Од вкупниот број невработени 56.160 се жени, а според возраста најмногу невработени има меѓу оние од 55 до 59 години, 14 947 се невработени лица со над 60 години, 2 555 се на возраст меѓу 15 и 19 години, 10 155 од 20 до 24 години, 11 269 од 25 до 29 години, 10 781 од 30 до 34 години, 10 299 од 35 до 39 години, 11 501 од 40 до 44 години, 12 078од 45 до 49 години и 13 417 невработени лица се на возраст меѓу 50 и 54 години.
Над 60 илјади се без или само со основно образование
Од невработените, 60 306 се без образование и со основно образование, непотполно средно образование имаат 12 991 лице, со завршено средно образование се 25 589, со вишо образование 1 288, со високо 9 830, има 736 магистри и 22 доктори на науки.
Осум години и повеќе работа чекаат 6 492 лица, од пет до седум години 14 987 лица, четири години 4 480, три години 5 184, две години 11 055, од 18 до 23 месеци вработување чекаат 4 745, од 12 до 17 месеци 20 002 лица, од шест до 11 месеци 15 975 лица, од еден до пет месеци 22 917 и под еден месец 8 925 лица.
