И покрај силната поврзаност на македонската со бугарската нација, тоа не ја прави историски бугарска нација, пишува професорот од Институтот за национална историја во текст за „Нова ТВ“, насловен „Не се раѓаме како Македонци или Бугари, туку тој идентитет го стекнуваме“
Во последните денови, иако живееме во неверојатно време на пандемија, најсилна се чини поделбата предизвикана од различното толкување на минатото. Тоа, пак, има последици и по односите со други народи; во овој случај, односите со бугарскиот народ. Одеднаш, вестите за односите со Бугарија, идентитетските прашања и историјата како да ја истиснаа пандемијата. Јасно е дека во регионот историјата и различните толкувања за минатото имаат голем потенцијал да создаваат и/или одржуваат поделби, и истовремено да ги натераат луѓето да заборават на егзистенцијалните проблеми со кои во моментов сите се соочуваме – вклучувајќи го и здравјето на сите луѓе, оценува Петар Тодоров од Институтот за национална историја во текст објавен на „Нова ТВ“.
Последните поделби во однос на историјата, како што посочува, не се нешто ново. Причините за овие поделби, вели Тодоров, се повеќе: клиентелизмот што го развиваат и промовираат политичките партии, образованието,како и самите историчари и интелектуалците воопшто. Меѓутоа, додава, одговорност имаат и самите луѓе, кои секако не можат да бидат целосно амнестирани од своите светогледи и активности. Како што се бара од политичарите и интелектуалците да се однесуваат и дејствуваат за доброто на сите, така и луѓето/граѓаните треба да бидат свесни дека еден искажан збор има своја тежина и може да повреди и да посее омраза.
„Најсвеж пример се последните изјави на професорот Денко Малески, кој поради неговиот контроверзен став во поглед на историјата и идентитетот на Гоце Делчев и Крсте Петков Мисирков предизвика бура од реакции на социјалните мрежи. Како историчар, во добар дел јас не се согласувам со дел од неговите ставови, но исто така сметам дека тоа не смее да биде причина тој да биде етикетиран и прогласуван за предавник. Дури можеше да се прочитаат пораки за линч и испраќање во затвор. Впечатливо е што ваков излив на жестоки реакции немаше кога од страна на Државниот архив на Република Македонија во 2007 година се објавија писма на Крсте Петков Мисирков од периодот меѓу 1912 и 1917 година, во кои тој за себе и за Македонците, меѓудругото, вели дека се македонски Бугари“,
пишува Тодоров.
Што се однесува до јавниот дискурс кај нас, но и во Бугарија, забележува Тодоров, последните развои кои започнаа со објавувањето на содржината на Изјавата на Република Бугарија приложена кон записникот од состанокот на Советот за општи работи на ЕУ од 25 март оваа година, и дополнително вжештени со изнесените ставови на професорот Малески, укажуваат за проблемите кои македонското и бугарското општество ги имаат со силно политизираните истории.
„Денеска, многубројните истражувања на нациите покажуваат дека националните идеологии се испреплетени. Можеби поврзаноста на македонската со бугарската нација е посилна отколку со другите, но тоа не ја прави историски бугарска нација. Точно е дека дел од историските личности значајни за македонската национална историја и идеја се декларирале и како македонски Бугари, но тоа нас денес не нѐ прави Бугари. Етничкиот идентитет не е биолошка категорија. Ние не се раѓаме како Македонци или Бугари, туку тој идентитет го стекнуваме во текот на нашата социјализација“,
нагласува Тодоров во текстот насловен „Не се раѓаме како Македонци или Бугари, туку тој идентитет го стекнуваме“
