Мислам дека веќе сме во период кога ризикот од наплив на голем број новоинфицирани пациенти го поминавме, но тоа не значи дека не треба и понатаму да се придржуваме до дадените препораки за заштита од ковид-19, туку, напротив, секој поединец мора да се придржува до нив за направените проценки да бидат точни, вели директорката на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, Милена Стевановиќ, во интервју за МИА.
Стевановиќ нагласува дека ситуацијата со која се соочува македонскиот здравствен систем е нова и непозната досега, па искуствата од лекувањето се нови. Она што досега ќе влезе како податок за новата болест е дека лекувањето е подолго, во просек околу 14 дена, па многу подолго, и зависи од секој пациент индивидуално. Некои пациенти и по добивање на два негативни резултати имаат потреба да го продолжат лекувањето, некои се испишуваат и со позитивен брис, практично здрави, иако таквите се многу поретки.

Таа додава и дека поради одредените успеси на лекувањето во светот со конвалесцентна плазма, Институтот за трансфузиона медицина кај нас направи сè за да се овозможи и оваа опција, а има и многу оздравени луѓе кои несебично ја нудат својата помош за болните, поради што подготвени се повеќе дози за апликација.
Исто така, Стевановиќ вели дека не постои специфичен лек за лекување на вирусот.
„Ние ги користиме сите алтернативи од кои пациентите би можеле да имаат бенефит, се разбира прецизно, следејќи ги препораките. Се следи секој орган, виталните параметри и соодветно се реагира со терапија што би можела да помогне. Лекувањето е многу комплексно и имањето мултидисциплинарни тимови како нашите е од огромно значење за следењето на болните“,
вели Стевановиќ.
Од досегашните искуства, директорката на Инфективната клиника не согледува ниту некаква поврзаност на полот и ризикот од заболување со ковид-19, но затоа, пак, кај возраста има индикации.
„Возраста има сериозно влијание, како и другите коморбидитети во исходот и текот на болеста. Кај најтешките пациенти се следи мултиорганско зафаќање, белите дробови, црниот дроб, срцето, бубрезите, панкреасот, па и централниот нервен систем“,
објаснува Стевановиќ за МИА.