Северна и Јужна Кореја користеа балони во своите пропагандни кампањи уште од Корејската војна во 1950-тите години. Неодамнешниот инцидент се случи неколку дена откако Северна Кореја соопшти дека ќе возврати на „честото ширење летоци и друго ѓубре“ во пограничните области од активисти на југот
Северна Кореја пушти 90 балони со пропагандни летоци и ѓубре над две погранични провинции на југот, што ги натера властите да ги предупредат жителите да останат дома и да не ги допираат белите балони и пластичните кеси закачени на нив бидејќи содржат „гнасен отпад и ѓубре“, пишува Би-би-си.

Патем, Северна и Јужна Кореја користеа балони во своите пропагандни кампањи уште од Корејската војна во 1950-тите години. Неодамнешниот инцидент се случи неколку дена откако Северна Кореја соопшти дека ќе возврати на „честото ширење летоци и друго ѓубре“ во пограничните области од активисти на југот.

„Купишта отпадна хартија и нечистотија наскоро ќе бидат расфрлени низ пограничните области и внатре во Јужна Кореја и тие од прва рака ќе почувствуваат колку напор е потребен за да се отстранат“,
рече заменик-министерот за одбрана на Северна Кореја, Ким Канг ил, во изјава за државните медиуми.
Јужнокорејската новинска агенција Јонхап објави „некои од паднатите балони изгледаат како да носат измет судејќи според нивната темна боја и мирис“.

Активистите од југ испраќаа на север готовина, слатки и забранета музика
Војската на Јужна Кореја го осуди овој чин како јасно кршење на меѓународното право.
„Ова сериозно ја загрозува безбедноста на нашиот народ. Северна Кореја е целосно одговорна за она што се случува поради балоните и силно ја предупредуваме Северна Кореја веднаш да престане со оваа нехумана и груба акција“,
соопшти војската.
Активистите од Јужна Кореја претходно лансираа балони кои, меѓу другото, носеа готовина, забранети медиумски содржини, па дури и „чоко пајс“ – јужнокорејски закуски забранети на север.
Претходно овој месец, активистичка група со седиште во Јужна Кореја, тврдеше дека преку границата испратила 20 балони со летоци против Пјонгјанг и уесбеа кои содржеле корејска поп-музика и музички спотови.