Лидерите на земјите-членки на ЕУ и Западен Балкан утре преку видеоконференција ќе одржат состанок за состојбата со пандемијата од ковид-19.
„ЕУ е најважниот партнер за регионот на Западен Балкан, а видеоконференцијата ќе го нагласи значењето на единствените односи меѓу Унијата и Западниот Балкан. Во борбата против ковид-19, ЕУ и Западен Балкан се обединети. Самитот ќе даде можност за истакнување на меѓусебната солидарност и соработка во време на криза“,
соопшти хрватското претседателство со ЕУ, во најавата.
Западен Балкан е регион во нашата непосредна близина и затоа ние имаме најголем интерес да биде стабилен и земјите од регионот да имаат европска перспектива, порача австрискиот канцелар Себастијан Курц во пресрет на утрешниот Самит.
Тој истакна дека земјите од Западен Балкан не смеат да бидат оставени сами во надминување на кризата предизвикана од епидемијата на коронавирусот.
Се очекува учесниците на видеоконференцијата да разменат мислења за новата фаза на блиска соработка за решавање на социоекономските последици од ковид-кризата, важноста на регионалната соработка, како и за тоа како најдобро да се управува со безбедносните предизвици.
На состанокот ќе учествуваат претседатели на држави и влади на земјите членки на ЕУ и шесте земји од Западен Балкан – Албанија, БиХ, Србија, Црна Гора, Северна Македонија и Косово, а ќе претседава претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел кој заедно со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен ќе ја претставуваат Европската Унија.
На видеоконференцијата ќе учествуваат и Андреј Пленковиќ, премиерот на Хрватска кој е актуелен претседавач на ЕУ, високиот претставник на Унијата за надворешни работи и безбедност Жозеп Борел, претседателот на ЕП, Давид Сасоли, како и претставници од Европската банка за обнова и развој, Светската банка, Европската инвестициска банка и на Советот за регионална соработка.
ЕК пред одржување на самитот ЕУ – Западен Балкан на крајот од април најави дека покрај засилената поддршка која вклучува над 3,3 милијарди евра за регионот која треба да одговори на итните здравствени потреби и да помогне за социјалното и економското закрепнување.од ковид-кризата, ќе следи и долгорочна поддршка што ќе биде презентирана подоцна оваа година во форма на економски и инвестициски план за регионот. Целта на планот е поттикнување на долгорочно закрепнување, зајакнување на економскиот раст и поддршка на реформите, потребни за да се оди напред на патот кон ЕУ.
Претходниот Самит ЕУ-Западен Балкан се одржа на 17 мај 2018 година во Софија, Бугарија. Од самитот произлезе т.н. Софиска декларација, како и анекс на декларацијата, во која беа наведени нови мерки за засилена соработка на ЕУ со регионот.
*Поврзана вест
Од европскиот самит и регионалните состаноци ќе зависи како ќе се патува за летните одмори