Според претставниците на ОБСЕ/ОДИХР, изборниот процес за парламентарните и претседателските извбори бил конкурентен, биле почитувани основните слободи, иако процесот, како што додаваат останува недоволно регулиран
Конечните оценки, односно препораките за можни подобрувања за првиот и вториот круг од претседателските избори, како и за парламентарните избори ОБСЕ/ОДИХР ќе ги објави два до три месеци по завршување на изборниот процес во финален извештај.
Ова денеска на прес-конференција го соопшти Меѓународната набљудувачка мисија за вториот круг од претседателските и парламентарните избори што вчера се одржа во земјава, посочувајќи и дека изборите беа конкурентни и добро спроведени, особено, како што истакнаа претставниците на ОБСЕ/ОДИХР, ако се земе предвид предизвикот да се организираат два различни избори во исто време.
Според Џилијан Стирк, која ја предводеше набљудувачката мисија за изборите на ОДИХР, негативната реторика и сè понационалистичкиот призвук на некои партии и кандидати биле крајно загрижувачки.
„Корисно за кампањата ќе беше и доколку беше обезбеден подетален надзор. Се надеваме дека во иднина, Северна Македонија ќе продолжи да ја зајакнува својата демократија, а ОДИХР останува подготвена да обезбеди поддршка за овие напори“,
рече таа.
Според претставниците на ОБСЕ/ОДИХР, изборниот процес за парламентарните и претседателските извбори бил конкурентен, биле почитувани основните слободи, иако процесот, како што додаваат останува недоволно регулиран.
„Изборниот законик беше изменет во краток временски период пред одржување на изборите, со недоволно транспарентна постапка и без консултации во јавноста. Тоа не е до крај во согласност со меѓународните стандарди и заложбите на ОБСЕ. Иако во измените беа вклучени некои од претходните препораки на ОДИХР, и технички предлози на ДИК, тие во голема мера не ги зедоа во предвид препораките на меѓуагенциската работна група задолжена за изборните реформи. Голем број на клучни препораки на ОДИХР и на Венецијанската комисија при Советот на Европа, останаа нерешени вклучувајќи ги и оние за системско ревидирање на Изборниот законик, за обезбедување еднаков пристап до медиумите во изборните кампањи и за зголемување на отчетноста и интегритетот на финансирањето на кампањата,
вели Стирк.
Според неа, нивна препорака е измените на Изборниот законик да се донесат подолг период пред одржување на изборите, а не кратко пред изборите.
Николоз Самхарадзе, специјален координатор и лидер на краткорочната набљудувачка мисија рече дека изборниот ден бил мирен и спокоен, се одвивало во конструктивна атмосфера, и покрај силната политичка поларизација и фрагментација во Северна Македонија.
„Моја искрена надеж за народот на оваа земја е дека новоизбраното раководство ефективно ќе се справи со клучните предизвици со кои се соочува земјата и дека ќе ја приближи Северна Македонија уште поблиску до нејзината декларирана цел за членство во ЕУ“,
рече тој.
Со забележителниот исклучок на една од претседателските кандидати во вториот круг, набљудувачите забележале дека политичките партии имаа малку жени говорници на настаните од кампањата, при што се чинеше дека партиите вложуваат малку напори за да ги ангажираат жените гласачи. Сите регистрирани листи на кандидати беа во согласност со законот и имаа застапеност на жените од најмалку 40 проценти. Сепак, тие честопати беа поставувани на најниските можни позиции.
Карина Одебринк, која ја предводеше делегацијата на ПС на ОБСЕ рече дека Северна Македонија постигнала напредок во унапредувањето на родовата еднаквост во политичкиот и јавниот живот, и според не,а како што се покажало на овие избори на кои жените сочинуваа 43 отсто од кандидатите за пратеници.
„Сепак, континуираниот политички ангажман и реформи се императив за да се зголеми застапеноста на жените на избраните и именуваните позиции и да се одговори на барањата и потребите на жените гласачи“,
рече таа.
Учесниците во Меѓународната набљудувачка мисија набљудувале вкупно 1 340 избирачки места при што позитивно ги оцениле процедурите за гласање во огромно мнозинство од нив. Сепак, се посочува биле забележани некои случаи на групно и семејно гласање.
Меѓународната набљудувачката мисија вчера на денот на одржување на изборите имала распоредено 344 набљудувачи од 42 земји. Во мисијата биле вклучени претставници на ОБСЕ/ОДИХР, од Парламентарното собрание на ОБСЕ, од Парламентарното собрание на Советот на Европа и од Европскиот парламент. Вчера биле набљудувани 123 избирачки места, гласањето било набљудувано на 1 340 избирачки места, а пребројувањето на 106 избирачки места. Сумирањето било надгледувано во 66 општински изборни комисии.