Празен е кампусот на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово. Така е и во предавалните.
Но, на компјутерите како да работи некој. Иако не се присутни, студентите ги полагаат испитите онлајн, од дома.

„Студентите се логираа на вообичаените машини на коишто работат во конвенционалниот начин на настава за време на испит и ги изведуваа своите вежби што им беа зададени како прашања за испитот, а професорот што го водеше испитот тоа можеше да го следи на повеќе машини истовремено“,
вели Владимир Радевски – проректор за академско планирање и дигитализација на УЈИЕ.
На почетокот на секој испит студентите ги вклучуваат камерите, а професорот прво бара тие да се идентификуваат.

„Фатљуме дали го имаш твојот ИД број за да можам да проверам? Да, во ред е. Благодарам. Добро. Харис дали може да видам уште еднаш? Добро“,
вели професорката.
Студентите се логираат на соодветната апликација и добиваат насоки за решавањето на тестот.
„Значи, сега ‘Google classroom’ ќе го објавам испитот и веднаш ќе можете да го решавате. Добро?“
„Го отворив мојот.“
„Да, во ред е.“
„Имате 90 минути да го решите тестот. Штом завршите, а тоа може да биде и за помалку од 90 минути, уште еднаш проверете сѐ и на крајот кликнете ‘испрати’.“
Тестот се решава под будното око на професорот кој овој пат има мала група од четворица студенти, па лесно е да го контролира секој нивен потег.
„Фатљуме, само ги читаш прашањата или зборуваш со некого?“,
прашува професорката.
„Само го читав прашањето. Само моето куче е овде.“,
одговара студентката.
За сите прашања студентите можат да комуницираат со професорот.
„Имам прашање. Можам ли да се навратам на некое од прашањата или така ќе го изгубам она што веќе го направив?“,
прашува студентот.
„Мислам дека можеш да се навратиш. Да.“,
одговара професорката.
Четворицата студенти го завршија тестот за помалку од еден час.
„Завршив со испитот, извинете за звуците (во позадина).“
„Дали кликна ‘испрати’?“
„Да.“
„Добро. Само момент. Морам да проверам дали го имам овде.“
„Ок.“
„Да, Ангелина. Добро е. Ќе го проверам и утре ќе ги добиеш поените и ќе ја знаеш оцената. Поздрав.“
„Поздрав.“
„Благодарам.“
Арбр Ајдини е студент на Факултетот за бизнис и економија на овој универзитет. Тој досега вака полагал четири колоквиуми. За него онлајн оценувањето е објективно, но дали дава повеќе простор за студентите да мамат?

„Можност за препишување има секогаш. Студентите препишуваат и во училница кога професорот е пред нив. Тоа е вистина за секоја земја. Сега онлајн-испитите несомнено имаат одредени проблеми и потешкотии. Тој што не препишува е коректен и не сака да има оцена која не ја заслужува. Но, кога сме кај тоа дали препишуваат или не, тоа сепак останува на студентите, а контролата од професорите е максимална со вклучени камери. Треба пред тебе да имаш биро на кое пишуваш, но како што реков, проблематична е оваа тема. Колку е 100 насто ефикасно како да си во училница или во амфитеатар, останува да се види“,
вели Ајдини.
Според проректорот Владимир Радевски, важно е постојано да се работи на развојот на критичкото размислување на студентите што особено се нашло корисно во онлајн тестирањето.
„Јас ќе ве прашам за знаењето од материјалот, но контекстот ќе ви го ставам во ситуација којашто не сте ја виделе во учебникот или конкретниот пример ќе биде во ситуација којашто ја нема во учебникот, туку ќе треба тука да ми објасните до кој степен на капацитет сте стигнале во разбирањето и во можноста за примена на она што е научено или за коешто се дадени едни примери во книгата, а ние треба да го работиме во други околности или во други примери или во друга специфична ситуација. Тоа е под капата на развој на критичко размислување кај студентите во секоја академска сфера“,
вели Радевски.

Уредбата на Владата предвидува дека полагањето на испитите и колоквиумите треба да се врши со примена на средства за електронска комуникација. На универзитетот Свети Кирил и Методиј испитната сесија започнува во јуни, па сѐ уште се бара соодветен начин за нејзина реализација.

За испити е рано, но во меѓувреме на правниот факултет Јустинијан Први веќе се одржа онлајн-одбрана на докторски труд.

„Комисијата за одбрана на докторски труд е петчлена, кандидатот е шести член, со тоа што онаа обврска седум дена пред одбраната да мора да се објави во дневниот печат каде ќе се одржи одбраната на докторскиот труд, ние објавивме дека одбраната ќе се одржи во 12 часот на микрософт тимс апликацијата со линк и код така што секој од јавноста како законски услов да биде одбраната јавна, да може да се вклучи и да може да го следи самиот чин на одбраната и тоа помина одлично. За магистерските би рекол дека веќе се рутина,“
вели Горан Коевски – декан на правниот факултет Јустинијан први.
На ФИНКИ и на некои од другите факултети по технички науки веќе се полагале колоквиуми на интернет. Ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски, вели дека од постигнатите резултати ќе зависи начинот на полагање и на другите факултети.

„Професорите беа навистина задоволни од резултатите од полагањето на студентите. Резултатите од оценувањeто беа споредливи со резултатите што ги имаа професорите последниве неколку години што значи дека постоел еден реален момент во изведбата на колоквиумите. Додека не се убедиме дека ќе добиеме навистина реални резултати во оценувањето, нема тоа да го прошириме на сите единици“,
вели Јанкуловски.
Уредба за онлајн настава и оценување има и за основното и за средното образование. „360 степени“ преку примери ги покажа предизвиците во онлајн-наставата за основците. За начинот на оценување, пак, Бирото за развој на образованието изготви упатство за наставниците.

Наставничката од основното училиште „Братство-миѓени“ од Тетово, Славица Дабеска-Кироска, вели дека оценувањето се врши токму според тие начела.

„Значи во предвид се земаат пред сѐ редовното вклучување на онлајн учењето, неговата ангажираност во учењето, домашните задачи, наставните листови коишто се решаваат, тематските повторувања и на крај тематските тестови. Што значи дека ако вака линеарно се набљудува – сите оние фактори коишто биле и во класичната настава ние ги поминуваме за да ја формираме оценката“,
објаснува Дабеска-Кироска.
Учебната година ќе заврши на 10 јуни без учениците да се вратат во клупите. Тоа е извесно, но допрва ќе треба да се анализира колку учењето и оценувањето во вонредни услови влијаело врз стекнувањето знаење од учениците во земјава кои и онака котираат лошо на светските ранг-листи.