И од коалицијата „Европски фронт“, предводена од ДУИ, и од коалицијата на опозициските партии на Албанците, „Вреди“ велат дека граѓаните се веќе искусни сами да одлучат и да гласаат по сопствено убедување врз основа на своите приоритети и програмите на претседателските кандидати
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, очекува да се достигне цензусот во вториот круг, иако смета дека ДУИ работи на тивок бојкот
Партиите на Албанците од власта и од опозицијата, во пресрет на вториот круг од претседателските избори, ќе остават нивните членови и симпатизери сами да одлучат за кого од двајцата претседателски кандидати ќе гласаат на 8 мај.
И од коалицијата „Европски фронт“, предводена од ДУИ, и од коалицијата на опозициските партии на Албанците, „Вреди“ велат дека граѓаните се веќе искусни да одлучат и да гласаат по сопствено уверување врз основа на програмите на кандидатите.

Од „Европскиот фронт“ денеска соопштија дека ќе ги повикаат граѓаните да учествуваат во изборниот процес и самите да одлучат за кого ќе го дадат својот глас.
„Ќе ги повикаме сите граѓани да учествуваат во изборниот процес и да одлучуваат според нивните оценки и нивните приоритети. Имаме демократско искуство и верувам дека сите граѓани ќе можат да ги препознаат своите приоритети меѓу кандидатите, кој од кандидатите во вториот круг ќе ги исполни нивните очекувања“,
рече Илми Азири од „Европскиот фронт“.
Од коалицијата „Вреди“, пак, изминатите денови неколку пати посочија дека не можат тукутака лесно да ги ориентираат гласачите кон едниот или кон другиот претседателски кандидат, како и дека гласачите имаат доволно искуство, ги гледаат програмите и платформите и, како што додаваат, ќе анализираат и слободно ќе се определат за кој претседателски кандидат ќе гласаат на 8 мај.
Изет Меџити, лидер на Демократско движење, партија која е дел од „Вреди”, денеска изјави дека единствена цел на ДУИ е да предизвика политичка криза, па во таа насока, јавно го праша Али Ахмети дали е вистина дека им наредиле на општинските организации да организираат бојкот на вториот круг на претседателските избори, иако се сретнал со Стево Пендаровски и му ветил поддршка.
„Со ова се обидуваат да продолжат со техничката влада повеќе од 100 дена. Целите на Али Ахмети беа јасни. Ние ја предупредивме јавноста од моментот кога со кандидатурата на Бујар Осман, ДУИ умислено ја елиминираше можноста Арбен Таравари да влезе во вториот круг од претседателските избори“,
рече Меџити.
Тој упати уште едно прашање до ДУИ – зошто не ги бојкотирале претседателските избори во 2019 година, односно што се сменило оттогаш и дали, како што велат, стравот од неуспех им го заматува видот?
„Или по наредба на руските центри на власта сакате да спречите новото парламентарно мнозинство да обезбеди уставни промени во рок од шест месеци по формирањето на новата влада? Зошто работите против интересите на ЕУ и САД? Доволно создадовте магла, одговорете на овие прашања кои се од витално значење за иднината на државата. Сега кога ќе дојде време да преземете одговорност за корупциските скандали, вие подмолно се обидувате да го злоупотребите целиот албански народ како штит, но и помалите етнички заедници кои ги користите како заложници. Овие трикови веќе видени, не поминуваат. Затоа, ве повикуваме да престанете да ги срамите Албанците и славните борци на УЧК. Не е крај на светот ако одиш во опозиција. Како легалисти и демократи со нашиот политички кредибилитет гарантираме дека нема да има реваншизам, туку одговорност ќе има само кога тоа ќе се докаже во правилни судски постапки“,
рече Меџити.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, очекува да биде исполнет цензусот од 40 отсто за претседателските избори оти, како што рече, членка на НАТО не смее да си дозволи да остане без врховен командат.
Ги повика гласачите Албанци да излезат во вториот круг, а на прашањето – зошто ДУИ не го повикува своето членство за кого да го даде гласот, Мицкоски вели дека тоа е политички маневар.
„Во немоќ, да не доживеат катаклизма пред нивните гласачи, ги потсетуваат на некои романтични националистички и шовинистички времиња од пред 20-21 година, кога се обидуваа да ги злоупотребуваат пред сѐ Албанците, повикувајќи на некои големи држави на Балканот, така сега се обидуваат да направат акробација и велат: ‘Нема да бојкотираме, но ќе бидеме на страна и нема да го повикаме членството или поддржувачите наши да гласаат‘. Ги повикувам нашите сограѓани Албанци да не наседнуваат“,
рече Мицкоски.
Лидерите на партиите кои се дел од „Европскиот фронт“ се состанаа вчера во Струга, по што соопштија:
„Бидејќи ‘Европскиот фронт’ повеќе не е дел од претседателската трка во вториот круг од претседателските избори и бидејќи гласот на граѓаните за нас е свет и нивно право, ‘Европскиот фронт’ наведува дека тоа е ексклузивна волја на граѓаните како што сакаат да го искористат ова право“.