Во однос на лани, Македнија забележува пад во четири од пет индикатори. Најголем пад од 5.35 поени има во политичкиот показател, од 1.82 поени во показателот правна рамка, од 3.05 поени во социјалниот индикатор, а пораст има само во показателот за безбедност од 8.16 поени
Иако новинарите не работат во непријателско опкружување, раширените дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади. Владините функционери имаат тенденција да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите, забележува „Репортери без граници“ (РСФ) за земјава во најновиот извештај за Индексот за слобода на медиумите.
Македонија забележува скок од две места во однос на лани, од 38 на 36 место и има најдобра оценка споредено со земјите во регионот. Класификацијата на РСФ опфаќа 180 држави од цел свет.
Во однос на лани, Македнија забележува пад во четири од пет индикатори. Најголем пад од 5.35 поени има во политичкиот показател, од 1.82 поени во показателот правна рамка, од 3.05 поени во социјалниот индикатор, а пораст има само во показателот за безбедност од 8.16 поени.
„Целокупното опкружување останува поволно за слободата на медиумите, но владините агенции не се многу транспарентни и критичкото новинарство е сè повеќе подложно на напади. Поради силната политичка поларизација, медиумите можат да бидат под притисок на властите, политичарите и бизнисмените и на национално и на локално ниво. Двете најголеми партии (на власт и во опозиција) создадоа паралелни медиумски системи врз кои го вршат своето политичко и економско влијание. Јавниот радиодифузен сервис нема уредувачка и финансиска независност“,
се вели во показателот политички контекст.
Во показателот правна рамка се посочува на новиот закон со кој повторно се овозможи рекламирање на власта во медиумите и се наведува:
„Додека уставот ја гарантира слободата на говорот и забранува цензура, земјата бавно го усогласува законодавството за медиумите со стандардите на Европската Унија, на која има намера да ѝ се придружи. Процедурите на SLAPP тужбите служат како инструменти за заплашување и притисок врз независните медиуми. Осудувањето за клевета на медиумот ИРЛ во 2023 година за неговото истражување од општ интерес постави опасен преседан. Новиот закон со кој повторно се овластуваат националните и локалните власти да се рекламираат во медиумите во приватна сопственост, ја зголеми загриженоста за можното ширење на влијание поврзано со тоа“.
Во социјалниот показател се забележува дека социјалните медиуми и дигиталната сфера главно го фаворизираат ширењето на дезинформации и кибер закани.
„Во комбинација со ниските професионални стандарди, тие придонесуваат за намалување на довербата на јавноста во медиумите и го отвораат патот за напади врз новинари врз основа на пол, етничка припадност или религија“,
стои во социјалниот индикатор.
Во сите шест земји од Западен Балкан, слободата на медиумите е влошена и вкупната оценка бележи пад од 4,14 поени од лани.