Одлуката на лидерите на партиите кои се дел од „Европскиот фронт“ е донесена на денешната средба во Струга, каде се разговарало и за изборите одржани на 24 април

Коалицијата „Европски фронт“ предводена од Демократската унија за интеграција (ДУИ), за вториот круг од претседателските избори на 8 мај, остава граѓаните сами да одлучат за кого од двајцата кандидати ќе го дадат својот глас.
Од „Европскиот фронт“ велат дека за нив гласот на граѓаните е свет, нивно право и ексклузивна волја како што сакаат да го искористат ова право.
„Бидејќи ‘Европскиот фронт’ повеќе не е дел од претседателската трка во вториот круг од претседателските избори и бидејќи гласот на граѓаните за нас е свет и нивно право, ‘Европскиот фронт’ наведува дека тоа е ексклузивна волја на граѓаните како што сакаат да го искористат ова право“,
пишува во соопштението испратено од коалицијата.
Одлуката на лидерите на партиите кои се дел од „Европскиот фронт“ е донесена на денешната средба во Струга, каде се разговарало и за изборите одржани на 24 април.
Лидерите, како што се додава во соопштението, заклучиле дека првиот круг од претседателските избори на 24 април поминал во мирна, фер и демократска атмосфера.
Според нив, тоа што нивниот кандидат Бујар Османи имал 40 илјади гласа повеќе од кандидатот на „Вреди“, Арбен Таравари, е победа која очекуваат на 8 мај уште повеќе да се продлабочи и таа да биде историска.
Од опозициската коалиција „Вреди“ засега нема став за тоа дали и кого ќе поддржат во вториот круг од претседателските избори. Лидерот на Демократско движење, Изет Меџити, дел од „Вреди“, пред два дена рече дека со изјави на Гордана Силјановска-Давкова како онаа од Куманово – дека некои кривични дела никогаш не застаруваат, со алузија на 2001 г., нема како да ја поддржат кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ.